ПЕТНАЕСЕТ ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА НЕГОТИНЕЦОТ КОЈ ДО СМРТ ЈА ПРЕТЕПАЛ ПОРАНЕШНАТА ПАРТНЕРКА!

0
196

Настанот кој ја потресе нацијата, кога во август во Неготино 46-годишната Љ.Г. беше крвнички претепана од својот поранешен партнер П.Н. (51), по што со тешки телесни повреди и во кома, по неколку дена почина на скопските клиники, доби судска пресуда. Како што информира Основен Суд Кавадарци, на сторителот на делото, вчера му била изречена казна затвор во траење од 15 години.

Основен суд Кавадарци известува дека на ден 22.11.2022 година по одржаната главна и усна расправа обвинетиот П.Н. од Неготино за кривично дело Тешка телесна повреда по чл. 131 ст. 4 вв ст. 2 вв ст. 1 вв чл.12 ст. 2 од КЗ, а по дадено признание за вина, огласен е за ВИНОВЕН за настанот којшто се случи на 02.08.2022 година во Неготино, кадешто извршил семејно насилство во кое оштетената Љ.Г. од здобиените тешки телесни повреди почина на 06.08.2022 година, со тоа што од страна на судечкиот судија му е изречена казна затвор во траење од 15 години, којашто да биде извршена по правосилноста на пресудата- објавија од ОС Кавадарци.

Сега веќе осудениот маж, во минатото бил во врска со Љ.Г.. На втори август годинава, тој дошол во нејзиниот дом, и по вербална расправија со неа, започнал да ја удира со боксови во главата и ја турнал во туш кабината.Таа се здобила со тешка телесна повреда и западнала во коматозна состојба.По интервенција во Општа болница – Кавадарци, таа била итно пренесена на лекување во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, информираа тогаш од Обвинителството.

Жената почина на шести август, и зад себе остави две полнолетни деца.Нејзината ќерка реагираше на социјалните мрежи и појаснуваше дека не се работи за семејно насилство, бидејќи мајка и со убиецот не живеела заедно пет месеци пред да се случи настанот, туку дека се работи за убиство на свиреп начин.Без никаков повик кон мајка ми, без никаква пишана порака оди директно во нашиот дом и ја убива, а вештачењето вели дека бил со битно намалена пресметливост, поради присуство на алкохол во крвта од 1.94 промили. Па добро, дали ова покажува дека секој пијан човек може да одземе нечиј живот?- јавно прашуваше ќерката на убиената жена.