Бугарин славите, по Бугарија плукате!
Атанас Бабата е роден во село Синитево, близу до град Пазарџик. Рано останува сирак и се насочува кон шивачкиот занает. Работи како калфа во Пазарџик, а подоцна во Софија.
Атанас Бабата, заедно со Марко Лерински, Христо Чернопеев и Михаил Апостолов – Попето, е еден од луѓето кои Гоце Делчев ги испраќа како први воени инструктори во Македонија.
Во почетокот на 1901 Атанас Бабата веќе е помошник војвода во четата на Петар Јуруков, која дејствува во Тиквешко, а подоцна истата година е назначен за самостоен војвода.
По востанието Атанас Бабата се враќа во Софија заедно со поголем дел од раководителите на Организацијата. Меѓутоа уште во март 1904 година тој повторно влегува во Македонија како предводник на чета.
Тоа се првите чети, кои Организацијата ги испраќа во Македонија по востанието – четата на Боби Стојчев – за Скопско и на Атанас Бабата – за Кратовско.
Набрзо српската шпионска мрежа е откриена, донесени се смртни пресуди, кои се исполнети од кратовската чета на Атанас Бабата. Имено, откако Атанас Бабата добил информации дека четите биле поткажани од србомани од селото Кокошиње, на 6 август неговата чета влегува во ова село и убива 53 селани. Нивните трупови биле оставени на сред село и била оставена белешка дека се убиени како одмазда за убиените четници на ВМОРО.
На 2 јануари 1905 година над село Кнежево, Кратовско, се одржал конгрес на Скопскиот револуционерен округ. За членови на окружното раководство на Скопскиот реон се избрани Даме Груев, Ефрем Чучков, Крсто Б’лгаријата, Мише Развигоров и Атанас Бабата.
На 25 јуни 1905 година меѓу селата Куклица и Пендак четата на Атанас Бабата попаѓа на турска потера. Војводата ја изнесува четата од 21 души на врвот Видин и зазема одбранбена позиција. Врвот е опсаден од неколку илјадна турска војска и башибозук. Борбата започнува околу 10 часот изутрината, но и покрај нерамноправноста на силите, четниците ги одбиваат сите напади.
Од Куманово пристигнува и кавалерија од два ескадрона, но и таа не успева да ги преземе позициите на револуционерите. Подоцна од Куманово доаѓа и планинска артилерија, која започнува да стрела кон врвот и положбата на четата станува критична. Нападите на аскерот се обновени, но комитите ги одбиваат.