Перење пари преку директор во НЛБ: Кој е осомничениот екс министер од Владата на Груевски?

0
2478

Кој е поранешниот министер во време на владеење на Никола Груевски и Али Ахмети, кого јавниот обвинител Марко Зврлевски го гони за перење пари со помош на актуелни и сегашни директори на НЛБ Тутунска банка, е прашањето на кое целата јавност го очекува одговорот, пишува Фактор. Од Јавното обвинителство не откриваат детали, ниту пак посочуваат иницијали. Само кусо посочуваат дека е отворен предмет против поранешен и актуелен директор на НЛБ Тутунска Банка, поранешен министер, адвокат, нотар и други лица, како и едно лице државјанин на Република Словенија за перење пари.

„Постојат сомненија дека во периодот од 2006 до 2017 година биле преземани дејствија за основање на фирми, подигање на кредити и пренесување на парични средства во Словенија и во австриски фирми, а потоа дел од средствата се инвестирани во основање на нови фирми и купување на недвижен имот на подрачјето на град Битола“, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.nlb-tutunska-670x694

Поранешни министри од времето на владеење на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, се и министрите Зоран Ставрески, Гордана Јанкуловска и Миле Јанакиески, но речиси е извесно дека за нив не е покренато вакво обвинение од Јавното обвинтелство, со оглед дека станува збор за високи партиски функционери, зад кои партијата застана при сите истраги од Специјалното јавно обвинителство, а со оглед дека јавниот обвинител се смета за близок на ВМРО-ДПМНЕ, извесно е дека за никој од нив не е покрената ваква истрага.

И поранешнот министер за финансии Трајко Славевски, кого го исконтактиравме, вели дека не е дел од овој случај, ниту пак имал некакви контакти со Јавното обвинителство и посочената банка.

Поранешниот министер за информатичко општество, битолчанецот Иво Ивановски – кој во екот на политичките „бомби“ си даде оставка од извршната власт и без поголема помпезност во јавноста замина да работи надвор од Македонија, остана недостапен за коментар за овој случај. Инаку, Ивановски е извршен директор во Мтел, Бугарија. Оваа компанија е дел од австриски Телеком, а во Телеком Австрија доминантен сопственик со 51 отсто акции е компанијата на еден од најбогатите луѓе на светот, Мексиканецот Карлос Слим, со кого Ивановски бепе во добри односи за цело време од своето министерување.

Освен поранешните министри од ВМРО-ДПМНЕ, одговори побаравме и од поранешните министри од ДУИ, од ресорот економија. Но, Фатмир Бесими, Беким Незири и Ваљон Сарачини кои го раководеа овој ресор велат дека не се дел од истрагата, ниту пак имаат информации за што се работи. А нити поранешната министерка за економија од партијата на Тито Петковски, Вера Рафајловска, се посочува дека не е поврзана со оваа истрага.

Останува неизвесно, кој е поранешниот министер од владата на Груевски и Ахмети за кого сега јавниот обвинител покрена истрага за перење пари.