Денес во Собранието на Комисијата за финансирање и буџет на која што се расправа Предлог буџетот за 2025 година се обрати пратеникот од ВМРО ДПМНЕ, Златко Пенков кој нагласи дека Владата со буџетот за следната година применува нов концепт и визија кои се базирани на реални макроекономски претпоставки.
„Основниот постулат е забрзан економски раст, пред се како резултат на реализација на крупни инфраструктурни проекти, проектите во единиците на локалната самоуправа како и странските директни инвестиции. Според мене три клучни збора кои мора да ги знаеме а тоа се растот, реализацијата и развојот”, обасни Пенков.
Пенков нагласи дека доколку се направи сублимат од овие три клучни зборови се добива, раст на бруто домашниот производ преку реализација на владините програми за забрзан развој на државата.
„Буџетот претставува слика на општествените потреби од една страна проекции за приходи а од друга страна распределба на расходите. На приходната страна детерминирани се 358 милијарди денари, на расходната страна имаме 400,2 милијарди денари а дефицитот е проектиран на 41,3 милијарди денари. Во делот на приходната страна кај буџетските приходи, спомнатата сума значи раст на наплатата за 13% во споредба со усвоениот ребаланс на буџетот. За 2025 година приходите од данокот на додадена вредност се детерминирани на 86,7 милијарди денари, секако овде доаѓаат акцизите, данокот на личен доход и сл“, рече Пенков.
Тој потенцираше дека даночната политика ќе се базира на намалување на сивата економија, поголема наплата на средствата во државниот буџет за да се постигне целта, односно одржливиот економски раст и развој.
„Даночната политика ќе се базира на намалување на сивата економија која зафаќа 30 до 39% односно пола од економијата отпаѓа на сивата економија, што е незамисливо и недозволиво за една економија како што е македонската. Значи, даночната политика од една страна ќе се базира на намалување на сивата економија, поголема наплата на средствата во државниот буџет, а целта секако е одржливиот економски раст и развој“, рече Пенков.