ПЕНДАРОВСКИ : ТИЕ ШТО СЕ ДЕНЕСКА ПРОТИВ УСТАВНИТЕ ПРОМЕНИ А СЕ ЗА ЕУ КАКО ЌЕ ГЛАСААТ КОГА ЌЕ БИДАТ НА ВЛАСТ?

0
608

Модифицираниот француски предлог, поради кој се поделивме до невидени граници, предизвика бројни контроверзии, но, сите беа директно или индиректно поврзани со стравот од идентитетска закана, за Македонците и македонскиот јазик. Реферирајќи на тезата дека само како Бугари можеме да влеземе во Европската Унија, сакам да потенцирам дека апсолутно не постои начин од Македонец да направиш Бугарин, нагласи денеска претседателот Стево Пендаровски при годишното обраќање во Собранието. Осврнувајќи се на масовните протести што се одржаа во текот на летниот период поврзани со таканаречениот „француски предлог”, за кој рече дека денес е европска преговарачка рамка, Пендаровски нагласи дека беше создадена атмосфера на жестоки политички тензии во земјата и перцепција во дел од јавноста дека тоа е судбинска дилема да се биде или не за нацијата и државата и дека наводно носиме одлука која ќе ја дефинира судбината на идните генерации Македонци и македонски граѓани.

– Тоа се два различни идентитетски кодови, два различни народа со своја специфична етногенеза. Во историјата нема таков пример, со договор да му биде сменето националното чувство на цел еден народ, потенцираше претседателот зборувајќи тензиите создадени меѓу Македонците и Бугарите, односно наводното загрозување на нашиот идентитет. И по пет месеци, длабоко сум убеден дека ставот кој го изнесов на 3 јули оваа година дека одлуката да го прифатиме модификуваниот француски предлог не е ниту историски триумф, ниту историски дебакл и денес може да издржи аргументирана критика. При тоа, одбивам да поверувам дека политичка цел или приоритет на претседателот на Франција или на пример, на германскиот канцелар им е да го обезличат македонскиот народ за како Бугари да нѐ внесат во Европа – нагласи Пендаровски. Пендаровски рече дека практичните чекори по усвојувањето на т.н. „францускиот предлог” само потврдиле дека формулацијата за македонскиот јазик во рамката била недвосмислена, што, како што наведе, беше јасно потврдено со потпишување на договорот со Фронтекс. Шефот на државата нагласи и дека во контекст на меѓународно заокружување на македонскиот идентитет, ова беше година на крупен исчекор и со конечното етаблирање на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија во рамките на православната екумена.

– Иако станува за збор за одлуки на верски власти, а ние живееме во секуларна држава, ноторен факт е дека туѓите пропаганди низ историјата, а и денес се обидуваат да ја разнишаат духовната врска на Македонците со нивната црква – потенцира Пендаровски. Според претседателот на Републиката, таквиот позитивен развој на настаните овозможи и за првпат по повеќе години да се поклониме во манастирот „Свети Отец Прохор Пчински” на местото каде што се поставени темелите на современата македонска држава. – Туку, денес не е лошо да се потсетиме накусо каква е нашата грижа, поточно негрижа за македонскиот јазик, дома, во татковината, од каде што тврдам дека потенцијално нѝ доаѓаат поголеми опасности за неговото опстојување, отколку нападите од Бугарија. Дали беше потребно да го чекаме јубилејот 100 години од раѓањето на Конески, за да се соочиме со нашата негрижа за јазикот во јавниот простор, со драстично намалениот број на лекторати и македонисти во светот, со само неколкуте преостанати паралелки со македонски деца кои го изучуваат македонскиот јазик во дијаспората или очајната состојба со младиот наставен кадар кој со години не е обновен на факултетите и институтите по македонски јазик – рече претседателот.

Промена на Уставот? – Потребна ни е кристално јасна и чиста правна и политичка процедура за промена на Уставот, каква што ѝ доликува на една европска демократија. Никој никого не треба да притиска, ниту да условува за да гласа спротивно на својата волја, порача денеска претседателот Стево Пендаровски. Зборувајќи за комплексот на прашања поврзани со нашите европски интеграции кои конечно ги отворивме по долги седумнаесет години чекање, Пендаровски порача дека пратениците треба да имаат пред очи две работи во однос на прашањето за промена на Уставот. –   Прво, дека самата содржина на конкретниот предлог, впишувањето на Бугарите и делови од други народи  во Уставот, на ниту еден начин не го руши македонскиот идентитет, и второ, тие што се денес против, ако навистина веруваат дека ЕУ е нашата стратешка цел, нашата стратешка константа од 1991-та до денес и ако се денес против, како ќе гласаат за оваа уставна промена кога ќе бидат на власт – изјави Пендаровски. Нашата обврска за промена на Уставот, Пендаровски нагласи, дека не е поврзана со отворањето на клубовите на Бугарите во земјава, меѓутоа, останува впечатокот дека „станува збор за временски темпирана и организирана активност” која не придонесува за градењето доверба меѓу Скопје и Софија.

–   Со тензиите кои ги крена отворањето на овие клубови, за жал, другата страна одбра конфронтациски наместо, кооперативен пристап кој е целосно на линија со јавната реторика на бугарските историчари во заедничката комисија кои инсистираат историјата да ја доминира целокупната билатерална агенда, наместо да биде само еден нејзин сегмент – порача Пендаровски. Фактот дека не постои никакво системско нарушување на правата на бугарското малцинство, не треба да ја лимитира нивната можност да отвораат клубови каде сакаат и колку сакаат, но, како што нагласи, со стриктно почитување на македонските закони кои се компатибилни со европските. –   Инаку, за помладите кои не ги паметат 1990-тите, наспроти општата перцепција, Македонците и македонските граѓани знаеле да се обединат и заеднички да работат во интерес на државата, независно кој бил на власт: за референдумот за независност во 1991-та бил формиран и функционирал заеднички штаб на власта и опозицијата, одлуката за аплицирање за членство во НАТО од декември 1993 е донесена со поддршка на власта и опозицијата, амандманите кои произлегоа од Рамковниот договор се усвоени со двотретинско мнозинство, а Резолуцијата за државните позиции во однос на Бугарија минатата година беше поддржана од 95 пратеници – потсети Пендаровски.

За прашањето дали може да има гаранции дека тоа ќе биде последното барање кон нас во процесот на преговори, претседателот Пендаровски го посочи како пример тоа што Бугарија и Романија, кои се членки на Унијата петнаесет години, неодамна беа блокирани за влез во Шенген зоната. – Ако две членки на Унијата беа блокирани за влез во еден од најважните проекти на единствениот европски простор, се разбира дека никој не може да ѝ даде гаранции на земја- кандидат која тукушто ги почна преговорите кои не се праволиниски – изјави Пендаровски. Затоа, според Пендаровски ние, во процесот треба да влеземе со самодоверба и да се фокусираме на исполнување на критериумите кои ќе обезбедат подобар живот на нашите граѓани. –   Одамна помина времето кога го меревме успехот во интеграциите според бројот на усвоените закони. Граѓаните чекаат – резултати, порача претседателот Пендарвоски во годишното обраќање пред пратениците во Собранието. Власта, според Пендаровски, мора да направи напори во целиот тек на преговорите во тимовите да учествуваат и експерти предложени од граѓанските организации, но, и од опозицијата. Таков предлог, според него, треба да дојде, од најмалку две причини: прво, затоа што преговорите сигурно го надминуваат мандатот на една влада, и второ, ако не го собереме сиот креативен и експертски потенцијал на едно место, преговорите ќе траат подолго.