ПЕНДАРОВСКИ МОЖЕ ДА ПРИДОНЕСЕ, НО КОМУНИКАЦИЈАТА ОКОЛУ ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР ТРЕБА ДАОДИ ПРЕКУ МНР, ВЕЛАТ ОД НЕГОВИОТ КАБИНЕТ

0
265

Претседателот Стево Пендаровски е подготвен да придонесе за да се пролонгира рокот за замена на личните документи, но комуникацијата околу преспанскиот договор треба да оди преку МНР, велат од неговиот Кабинет.

„Преспанскиот договор е потпишан од министрите за надворешни работи, во име на владите на двете држави и размената на информации во таа смисла треба да се одвива во тие рамки. Со оглед на тоа што Преспанскиот договор е важен и во контекст на нашите преговори со Европската Унија информирањето кон Брисел треба да се одвива и преку Секретаријатот за европски прашања“, велат од Кабинетот на Претседателот, во изјава за „Макфакс“.

Во рамки на севкупните напори на државата, претседателот Пендаровски, како што се додава, е подготвен да даде свој придонес преку комуникација со претседателката на Хеленската Република.

Дополнително, од тука укажуваат дека ако Владата го смета добар предлогот на претседателот, може веднаш да почне со иницијатива за негова реализација, наспроти премиерот Ковачевски кој претходно денес рече дека Владата ќе почне да постапува откако Пендаровски ќе разговара со својата колешка во Грција.

Според Ковачевски, комуникацијата по ова прашање треба да се одвива на ниво на претседатели на држави, бидејќи Пендаровски бил вклучен во подготовката на преспанскиот договор, при зачленувањето во НАТО.

Предлогот за пролонгирање на вадењето на личните документи прв го даде претседателот Пендаровски во телевизиско интервју на „Сител“. Тогаш тој рече дека законскиот рок 12 февруари за вадење на новите документи, може да се смени со законски измени за еден ден и да се пролонгира до септември поради големиот метеж на пунктовите.

„Прво, тоа е срамно понижување на македонските граѓани. И непотребно. Второ, ова им го предложив на најмалку двајца министри во македонската Влада – со брза интервенција во два закона – Законот за личната карта и Законот за патните исправи и ако е потребно и Законот за безбедност во патниот сообраќај, тоа се прави во едно попладне, знаеме дека може да се направи во едно попладне, не мора со европско знаменце да биде. Ќе ги измениме тие два закона, ќе го пролонгираме рокот, наместо февруари, да биде септември-октомври, претходно ќе ги известиме и Грците дека немаме намера да бегаме од обврските од преспанскиот договор“, рече Пендаровски.

Договорот од Преспа предвидува дека промената на личните документи треба да го следи отворањето на поглавјата со ЕУ и тоа да заврши пет години оттогаш.

Извор : МакФакс