Пресконференција на Зоран Пачешкоски – Претседател на ОО на СДСМ Прилеп.
Почитувани,
Во саботата прилепчани му покажаа „црвен картон“ на Христијан Мицкоски и со тоа ја растераа маглата околу неговата наводна „популарност“ на фингираните анкети.
Не само што присуството на Мицкоски не предизвика никаков интерес меѓу граѓаните, туку неговата посета на Прилеп ја бојкотираа и членовите на Општинскиот комитет на ДПМНЕ.
И покрај притисоците врз членството, претседателот на ДПМНЕ беше пречекан од едвај педесетина негови сопартијци.
Таквиот очаен одзив не е случаен, туку е резултат на расколот во прилепскиот огранок на ДПМНЕ, како и на разочараноста од политичкиот капацитет на нивниот лидер Христијан Мицкоски.
Истовремено, членовите на ДПМНЕ ги думаат лагите кои Мицкоски им ги кажува при секое негово доаѓање во Прилеп.
Така, прилепчани се сеќаваат на неговата изјава дадена при првата негова посета на Прилеп непосредно после локалните избори, кога рече дека градоначалникот Борче Јовчески само што не ја започнал „големата градежна офанзива“. Која, како што знаат нашите сограѓани, никогаш не се случи.
Неколку месеци подоцна, за време на втората посета, Мицкоски рече дека е прашање на денот кога детската градинка во Точила ќе ги отвори вратите за 250 деца од претшколска возраст. Фактите велат дека градинката сеуште не е ставена во функција, а Мицкоски по втор пат ги излажа прилепчани.
Конечно, третата и засега последна лага ја кажа пред два дена, кога на својот фејсбук профил напиша дека со пуштањето на Скада системот, се решавал деценискиот проблем на прилепчани со водоснабдувањето.
Господине Мицкоски, твоите прилепски сопартијци те лажат тебе, а ти ја лажеш целата јавност! Како претседател на партија, срамота е да не знаеш дека проблемот со водоснабдувањето на Прилеп беше решен со добивањето на грантот од германската КФВ банка во висина од 9 милиони евра. Тоа, господине Мицкоски, се случи пред 20 години, во време кога локалната власт во Прилеп беше предводена од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.
Почитуван Мицкоски, ако ништо повеќе, од вашиот почесен претседател Груевски можевте да научите две работи: дека на лагата и’ се кратки нозете и дека вистината е како шило – кога тогаш ќе излезе на површина.
За жал, во шесте години поминати на чело на ДПМНЕ, не сте го научиле дури ни тоа. И затоа немојте да се чудите и да се прашувате зошто прилепчани не ве сакаат!
Ви благодарам.