Паника меѓу администрацијата во Општина Битола по првиот притвор за „Транспортер“

0
621

Паника, страв и невообичаена претпазливост владее меѓу вработените во Општина Битола, по одлуката за притвор на еден од осомничените во случајот „Транспортер“, кој минатата недела го отвори Специјалното јавно обвинителство (СЈО), велат неофицијални извори за „Мета“.

Веста за притворот на еден од најблиските соработници на градоначалникот на Битола, Владимир Талески, бргу се рашири низ градот.

Притворениот е актуелен секретар во Општина Битола, а во периодот за кој се води истрагата бил претседател на комисијата за јавни набавки. Веста за првиот притвор за истрагата на СЈО за криминал со бесплатниот школски превоз, најпрво се пренесе на синоќешниот протест во Битола за оставка на Талески, а потоа до доцна во ноќта се пишуваа и се читаа коментари на социјалните мрежи.

Граѓаните се поделени во мислењата. Едни сметаат дека конечно ќе биде задоволена правдата, а кај други, пак, владее страв и немир од одлуката за изрекувањето притвор од судија на претходнса постапка од Кривичниот суд во Скопје.

Паниката, велат нашите извори, е особено присутна меѓу дел од вработените во Општина Битола. Нашите соговорници велат дека по отворањето на „Трaнспортер“, административците барале да го доискористат ланскиот одмор, а некои од нив побарале боледување поради кревкото здравје. Според неофицијалните информации, паниката кај општинската администрација е особено присутна кога се работи за потпишување документи за постапки поврзани со јавни набавки.

И самиот градоначалник на своите последни прес-конференции истакнуваше дека предметот „Транспортер“ внел страв и немир меѓу вработените и граѓаните.

Талески, кој е првоосомничен во случајот „Транспортер“, но против него не се води постапка бидејќи беше помилуван од претседателот на државата, Ѓорге Иванов, на една од прес-конференциите отворено застана во одбрана на своите најблиски соработници, особено на притворениот службеник.

– Зошто тоа се прави само против претседателот на комисијата за јавни набавки кога во таа комисија членуваат и други луѓе? Тоа го прават поради тоа што претседателот на таа комисија е перфектен професионалец – изјави Талески, пренесе „Тера“.

Судија на претходна постапка вчера му одреди 30 дена притвор на еден од осомничените во „Транспортер“ по сите три основи од членот 165 од Законот за кривична постапка, додека на други тројца осомничени им одреди мерки на претпазливост.

Денеска продолжува сослушувањето на другите осомничени за кои СЈО побара да им бидат одредени мерки за обезбедување присуство.

Како што дознаваме, сослушувањето на осомничените е закажано во 11 часот во Кривичниот суд во Скопје.