ПАЛЧО ОД ТУРЦИЈА ВО ЗАТВОРОТ ШУТКА ПРИСТИГНАЛ ЏОА БОС, СО НЕГО НОСЕЛ КУФЕР, ЕВРА И ЛИРИ

0
96
Љупчо Палевски Палчо, осомничениот за грабнувањето и убиството на 14 годишната Вања Ѓорчевска и 74 годишниот Панче Жежовски  ја помина првата ноќ во македонски затвор откако вчера беше екстрадиран во земјава. По околу 5 месеци од неговото апсење во турскиот град Баликесир тој вчера беше спроведен со редовен лет на Туркиш Ерлајнс на скопскиот аеродром.

Педесет минути беа потребни за тој да биде подготвен за транспорт во затворот во Шутка. Со 4 цивилни автомобили на единицата за соработка со Интерпол тој беше транспортиран од вип излезот на аеродромот во близина на карго просторот. Оттаму преку патарината Петровец заврши зад решетки во Шутка. Со себе носел куфер и евра и лири.

„Притвореното лице е спроведено во затвор Скопје во притворското одделение, каде што е згрижено и се постапува по безбедносен протокол и по куќниот ред. Се нема пожалено на некои здравствени проблеми. Прегледан е од лекар. Известен е Кривичниот суд дека лицето се наоѓа во затвор Скопје и се чека на следни чекори од судот каде што треба да се спроведе или да се даде одобрение за некои други активности во врска со притвореното лице“, изјави за Телма директорот на затворот Филип Андов.

А што со себе носел Палевски.

„Лични работи имаше еден куфер со него и некои валути во евра и во турски лири коис е влезени во записник“, додава Андов. 

На Палевски во отсуство му беше изречен 30 дневен притвор.

„По екстрадицијата на првиот осомничен од Република Турција, јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје продолжува да презема истражни дејствија во предметот за грабнувањето и убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски“, соопштија од Основното јавно обвинителство.

За останатите осомничени, како што додаваат од обвинителството,  истрагата е во завршна фаза.

Екстрадицијата на Палевски најпрвин беше одобрена од турскиот суд, а потоа се чекаше потпис да стават и министрите за правда и надворешни работи. Откако екстрадицијата беше целосно одобрена, македонската полиција во координација со нивните турски колеги го организираа спроведувањето на Палевски во земјава.

Од Министерството за правда изразија благодарност до турските власти.

„Министерството за правда и министерот Кренар Лога изразуваат голема благодарност до турските власти, особено до министерот за правда на Република Турција , Јилмаз Тунч за нивната брза реакција и преземањето на сите мерки за екстрадиција на Љупчо Палевски. Целата постапка се спроведе во релативно краток период за неполни пет месеци.Ова е добар знак за општеството и порака дека правдата ќе ве стигне , каде и да сте!“

Покрај Палевски, за грабнувањето и убиствата осомничени се уште 4 лица меѓу кои и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски кој од неодамна е во домашен притвор откако Врховниот суд му го замени затворскиот притвор. Тој е осомничен дека помогнал во грабнувањето на неговата ќерка.

Телата на двете жртви беа најдени на 3 декември откако дел од осомничените ги открија локациите каде се закопани. Палевски веќе беше во бегство, а по испишувањето на меѓународна потерница беше уапсен на 5 декември во турскиот град Баликесир.

Извор : Телма