Падот на мафијата

0
1010

Ако се суди според неговата историографија, падот на македонскиот „Capo di tutti capi“,олицетворен во ликот и делото на Никола Груевски, најдобро може да се спореди со падот на некогашниот шеф над сите шефови на сицилијанската мафија Салваторе Ло Пиколо, кого италијанската полиција во 2007 година го уапсила во Палермо.

Својата криминална кариера Пиколо ја започнал како телохранител на еден сицилијански мафијаш и полека напредувал во организацијата се’ до моментот додека не го презел раководењето со неа, што се случило во 2006 година, после апсењето на дотогашниот шеф Бернардо Провенцано.

Споменатите ликови меѓусебно се поврзани единствено по карактерните особини и принципот „довчерашен Поп, стана Папа“. Македонскиот „Capo di tutti capi во градењето на својата кариера отишол чекор понатаму, па решил да ги користи сите практики кои во историјата служат како лош пример за манипулирање со државниот систем и владеење со народот. Воопшто не се штедел во поглед на употребата на методите кои ги користела италијанската мафија во поглед на структурната организираност, во ширењето на пропагандата и креирање на јавното мислење. Преку секоја мера ги употребувал методите на Паул Јозеф Гебелс, а во поглед на грабање на народните пари и користењето државни ресурси, го користел проверениот домашен рецепт кој не’ држел потчинети цели 500 години – арачот и ангаријата.

Добро е да се знае дека во периодот кој измина секој од нас имаше можност да ја идентификува и локалната македонска „Ндрангета“ (Калабриската мафија од Италија). Единствено што ни преостанува е правниот механизам, кој полека но сигурно се враќа во нормала. Неговото користење е во функција на финансиско и статутарно обезглавување на оваа криминална структура во секој град од нашата земја, почнувајќи од управното тело предводено од локалниот шеф на криминалот – режимските градоначалници, нивните портпароли, полковници и сметководители. Ќе им се даде можност и на сите останати кланови кои оваа структура ги нарекува „ndrini“ т.е дно, а кои свесно или не, биле вовлечени во функционирањето на одвратната машинерија. Истите тие, преку дистанцирање од довчерашната „фамилија“ ќе се вратат во нормалните текови на животот.

Во период од дваесетина месеци, централните политики покажаа дека оваа отровна власт, во здружениот опозициски фронт конечно го доби својот противотров. По тој пример, ние, граѓаните кои не гравитираме во центарот на случувањата, во Скопје, мораме да го дадеме својот придонес кон подобрување на „провинцискиот“ животен стандард, преку превземање на потребните „хирушки“ зафати во истурените државни институции, локалните самоуправи и приватниот сектор.

Дојде денот кога сите ние јасно ја увидовме довчерашната двојбеност по однос на дилемата дали сето ова што во изминативе години сме го живееле било систем? Денес сме соочени со изборот: дали ќе се определиме за поддршка на постоечкиот систем, или ќе се избориме за систем на вредности обратно пропорционален на досегашниот? И тогаш ќе дојдеме до прашањето: Што потоа?

Ден потоа, обесчестеното тело на државниот апарат конечно ќе има можност да застане пред огледалото на објективноста и да се погледне во сите системски и до коска оштетени делови.  Со тек на време, долгогодишните „оргии“ помеѓу законодавната, извршната и судската власт, испомешани во нивните улоги, цели и задачи, ќе го покажат вистинското лице на чедото-производ на еднодеценискиот политички инцест.

Сега е лесно да се препознаеме, нели?

Адвокат Жарко Стеваноски