Падобранскиот ас и доајен на македонското новинарство, Зоран Иванов, му упати отворено писмо на капитенот на македонската ракометна репрезенатција Кире Лазаров.
Писмото доаѓа како реакција на објавата на Лазаров од пред два дена, во која што и дава поддршка на Граѓанската иницијатива за Заедничка Македонија, а поради која што следеа бурни реакции во јавноста.
Ви го пренесуваме во целост јавното обраќање на Иванов до познатиот ракометарски првак.
„За Кире Лазаров:
Како сите ние, цела Македонија и јас навивав и ќе навивам за тебе, за Македонија секако зошто и ти си Македонија. Не се сомневам дека ја сакаш и дека спортското срце го оставаш тука. За околностите зошто не си во Македонија јас не велам дека мотивот се парите. Не. Меѓународната спортска афирмација е предизвик за секој спортист. Ти, благодарејќи на себеси, се вивна во ѕвездите и историски се втемели и во македонската и во светската спортска историја.
Но, Лазаров, твојот став дека се определи за “ваква Македонија”, крадлива и корумпирана, неслободна и со многу примеси на фашизоидност, е всушност антимакедонски зошто животот на Македонците, на македонските граѓани, не е само спортот и навивањето за Македонија и за тебе. Надвор од ракометниот терен ти, со твојата слава имаш обврска, морална одговорност да ја подржуваш и нашата поддршка за Македонија. Несфатливо, немакедонски, ти, самиот си знаеш од кои побуди, се стави на само една страна, на страната на континуитетот на македонската историската поделеност.
Ова ќе помине. Правдата и овој пат, мачно, но неминовно ќе си го најде своето место. Не дозволувај ти да не бидеш на нејзината страна. Правдата нели, секогаш победува и обединува. Затоа, те молам, дообјасни се. Ајде во името на твојата спорска доблест покажи ја и твојата човечка и македонска доблест.
Ти никому ништо не должиш, нели? Ти должиме ние и, во името на тој наш долг спрема тебе, цивилизирај го твојот став и отфрли ги разочарувањата и немирот кај многу Македонци што ги предизвика со твојот јавен исказ за начинот на твоето сакање на Македонија.
Си дозволив ова да ти го напишам во името на моето и спортско и животно кредо.
Неспредливо со твоето, ниту оддалеку секако, но за поткрепа на мојата дрскост манифестирана со ова обраќање до тебе, еве само збор два и за моите скромни домашни и меѓународни спортски резултати:
Зоран Иванов – СПОРТСКИ АКТИВНОСТИ И ПРИЗНАНИЈА:
– падобранство – 2003 скокови;
– пилот на спортски авион – 470 часови;
– пилот на воздухопловни едрилици – 220 часови;
– државен репрезентативец во падобранство -1971 – 1976;
– светски првенства во падобранство САД – 1971 и Унгарија – 1974;
– Европско падобранско првенство – Хрватска, Загреб – 1975;
– 4 светски рекорди – ноќни скокови со падобран – Скопје -1970/1971;
– Воздухопловна Федерација на Македонија – спортист на годината во 4 наврати – 1969, 1971, 1974, 1975;
– Спортист на Македонија – меѓу 10-те-1974 год;
– Државен првак во падобранство -1969, 1971, 1974, 1975;
– 60-тина медали – Македонија и СФРЈ и од 14 престижни меѓународни падобрански натпревари;
– ,,Златна значка со 3 дијамнати,” – највисокото меѓународно признание на светската воздухопловна федерација – ФАИ;
– Меѓународна највисока награда на Светската воздухопловна федерација ФАИ за 2006 година -“Пол Тисандие” за сеопшт придонес во цивилното и спортското воздухопловство и за посебни резултати во спортското падобранство’’ – напишал Иванов.
Вики Клинчарова
Извор : Фокус