ОЈО ОЦЕНИ ДЕКА ЛИЛА ГИ ВРАТИЛА ПАРИТЕ НА ВРЕМЕ И НЕ НАНЕЛА ШТЕТА НА ДАН МАК: ОТФРЛЕНА КРИВИЧНАТА ПРИЈАВА ЗА ИЗМАМА ПРОТИВ ЛИЛА ФИЛИПОВСКА!

0
1840

Обвинителството ја отфрли кривичната пријава против водителката Лила Стојановска, a која ја поднесе градежната фирма „Дан-Мак“. Од компанијата обвинуваа дека им биле земени 250.000 евра за наводно учество во ЕУ проекти за изградба на домови на стари лица, а Стојановска тврдеше дека парите се вратени до последниот денар, за што приложи и уплатници.

Од Скопското јавно обвинителството за “Фокус” ја потврдуваат информацијата.

-Во поглед на кривична пријава поднесена на 3 март 2018 година од правното лице Изградба инженеринг Дан-Мак ДООЕЛ Скопје против лицето за кое прашувате, а за сторено кривично дело – Измама од член 247 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик, ве известуваме дека Основното јавно обвинителство Скопје донесе Решение со кое се отфрла кривичната пријава бидејќи пријавеното дело не е кривично дело кое се гони по службена должност, ни одговорија од Обвинителството.

Оттаму во детали појаснуваат за постапувањето на обвинителството.

-Кривичната пријава се однесуваше на склучен нотарски акт помеѓу пријавената и одговорните лица од правното лице, а се однесува на Договор за уредување меѓусебни односи помеѓу автор и коавтори за изготвување на проект – Интернационална асоцијација за заштита на човековите права. Со договорот пријавената се обврзува да изготви проект за заштита на човековите права, за кој проект оштетените да и исплатат 259.450 евра. Како добивка од реализација на проектот во договорот било предвидено оштетените, инаку коавтори во договорот, да остварат добивка од 3.580.000 евра. До реализација на проектот не дошло. Пријавената уплатение парични средства  преку банкарска сметка, како што и биле уплатени од страна на правното лице, така истиот паричен износ преку банкарска сметка ги уплатила и ги вратила на правното лице.

Паричните средства од страна на правното лице на пријавената и биле уплатени преку три исплати во текот на јуни и јули 2017 година. Пријавената  ги вратила паричните средства на правното лице во јануари 2018 година.

Пред да биде одлучено по поднесената кривична пријава, јавниот обвинител направи проверки и презеде повеќе истражни дејствија, при што беа испитани оштетените и пријавената,  беа направени проверки и во однос на извршените уплати кај  извршител и банка. Во поглед на движењето на паричните средства од правното лице кон пријавената и обратно, обвинителството направи проверки во Управата за финансиско разузнавање при Министерството за финансии и во Управата за јавни приходи. Во предметот беа доставени и други докази од страна на оштетените и од пријавената.

По обезбедување на материјалните и вербални докази, надлежниот јавен обвинител кој постапуваше во предметот утврди дека во дејствијата на пријавената не се исполнети битните елементи на кривичното дело – Измама од член 247 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Имено, обвинителството утврди дека кај пријавената отсуствува намера да прибави противправна имотна корист со оглед на тоа што откако не се реализирало планираното од договорот, целиот паричен износ кој го примила веднаш го вратила на банкарската сметка на правното лице. Со тоа не се стекнала со имотна корист, ниту предизвикала штета на оштетените. Во таа смисла е и околноста дека пријавената целиот паричен износ кој и бил уплатен го вратила на 10 јануари 2018 година, а кривичната пријава од страна на оштетените против пријавената била поднесена на 3 март 2018 година.

Што се однесува до евентуална штета од изгубена добивка на оштетените, обвинителството истакнува дека од кривично-правен аспект изгубената добивка не претставува штета на оштетените, особено имајќи предвид дека со склучениот нотарски акт бил воспоставен граѓанско-правен однос. Од страна на пријавената била поведена парнична постапка за поништување на склучениот договор, која постапка е во тек.

Од друга страна, од оштетените е поведена постапка пред надлежен извршител за извршување на изгубена добивка содржана во договорот, бидејќи во нотарскиот акт е содржана извршна клаузула. Во тек е и постапката пред извршител.

При вакви околности, јавниот обвинител го донесе наведеното Решение, велат од Обвинителството.

За втората кривична пријава која неодамна против Стојановска ја поднесе Управата за финансиска полиција, од обвинителството велат дека е отворен предмет.

-Во врска со примените парични средства од страна на пријавената, пред еден месец во Основното јавно обвинителство пристигна кривична пријава поднесена од Управата за финансиска полиција за сторено кривично дело – Даночно затајување од член 279 од Кривичниот законик. По оваа кривична пријава оформен е предмет по кој надлежен јавен обвинител презема дејствија согласно Законот за кривична постапка. Повикана е пријавената да даде исказ, следат проверки во Управата за јавни приходи во поглед на пресметка и уплата на данокот, ќе биде издадена и наредба за економско-финансиско вештачење за да се утврди дали пријавената во конкретниот случај затаила данок, кој данок и во кој износ, како и дали евентуално правното лице и одговорните лица од правното лице имаат даночна обврска, со оглед на тоа што целиот паричен износ им бил вратен, велат од обвинителството.

Адвокатот на Стојановска, Валентин Пепељуговски, во изјава за „Фокус“ коментираше дека од компанијата „Дан-Мак“ даваат лажна изјава дека не им се вратени парите.

-Велат дека не им се вратени парите, но тоа не е точно, за што постои и материјален доказ. Зборуваат и за некаква изгубена добивка, што исто така е неосновано, бидејќи таа следувала само ако се реализира договорот. Инаку, поднесовме три кривични пријави за компанијата, нотарот и извршителот, а водиме и граѓанска парница за времена мерка за извршување, бидејќи од сметката на Филиповска веќе е одземен одреден износ, ни изјави неодамна адвокатот Пепељуговски.

ИЗВОР: ФОКУС.МК