Очајнички малверзации на ДПМНЕ: Здрави и вработени се пријавуваат како изнемоштени гласачи

0
616

Вработени добиле уверенија дека се неподвижни и дека наместо во недела може да гласаат во сабота како болни. Ова за Телма го тврдат извори од истрагата по анонимна пријава дека во Геронтолошкиот завод во Ѓорче Петров биле издадени 29 извештаи на лица кои не се неподвижни. Од МВР само кратко соопштија дека имаат таква пријава и за општина Ѓорче Петров, но и за други општини во Македонија, пренесува „Телма“.

МВР постапува по информациите кои ги доби во врска со овој и со други слични случаи во Скопје и во други општини за кои постојат сериозни индиции за злоупотреби односно за сторени повеќе кривични дела поврзано со гласањето на болни и немоќни лица во домашни услови, кои според законот гласаат пред денот на изборите.

Анонимната пријава во МВР пристигнала минатиот петок. Со проверките било утврдено дека вкупно 29 пациенти во два дена со потпис на иста лекарка од Геронтолошкиот завод биле прогласени за неподвижни. Со теренска проверка било откриено дека дел од неподвижните всушност немале здравствени проблеми, а кога биле проверени домовите на двајца неподвижни гласачи истражителите дознале дека една жена работи во скопска гимназија, а другиот во прехранбена фабрика.

Иако ДИК и општинската комисија ги прифатиле нивните уверенија за гласање од дома како неподвижни или со тешкотии во движење, и двајцата пациенти не биле дома. Наодите биле напишани по домашна посета на болните, а уверенијата биле подигнати од геронтологија во Ѓорче Петров без да има доказ дека е платена партиципација од 60 денари и без роднините кои ги ги земале уверенијата да се потпишат во докумнтација во болницата, тврдат изворите на Телма.

На директорката на заводот и беше исклучен мобилниот телефон, а никој не се јавуваше ниту на телефонот за контакти на геронтологија. За овие избори досега се пријавени 6 867 болни и изнемоштени гласачи, но конечниот список се уште не е затворен. Според информации од изборните комисии на општинско и на државно ниво, сега контролата на овие уверенија е построга и има доста отфрлени барања за гласање предвреме со пријава за болест и неподвижност.