Фестивалот „Охридско лето“ се приклучува во акцијата за помош на загрозените од поплавите во Скопско и приходот од продадените билети за утрешниот и за концертот во недела ќе го намени во хуманитарни цели.
Утревечер ќе настапи пијанистката Нина Костова и гудачкиот квартет Хеншел од Германија, а во недела, 14 август, концерт во рамки на „Охридско лето“ ќе има Државниот камерен оркестар „Академија за солисти” со виолинистот Ајман Мусакајајева од Казахстан и мексиканскиот диригент Хуан Карлос Ломонако.
Цената на билетите за двата концерта, кои ќе се одржат во црквата „Света Софија“ со почеток од 21 часот, изнесува 300 денари.
Иницијатор на концертот е пејачката Елена Велевска која ја поддржаа дел од колегите и со заеднички сили ќе собираат средства за настраданите во поплавите.
– Со овој концерт сакам да ги поттикнам и другите градови да организираат концерти и хуманитарни акции за да се соберат што повеќе донации. Веќе бев во Стајковци и ситуацијата е ужасна, сакам што побрзо луѓето да се избават од тој пекол и да се вратат на своите нормални животи. Ве поканувам вечерва сите коишто сте во Охрид да дојдете на Градскиот плоштад и заедно да донираме. Секоја помош е добредојдена, изјави Велевска.
На концертот ќе настапат уште и Наум Петрески, Зуица Лазова, Ристе Ристевски, Анастасија Петреска, Ѓоко Таневски, Петар Нечовски, Анета Наковска и многу други.
Освен на концертот, во Охрид може да се донира помош за настраданите секој ден од 10 до 18 часот на пунктот поставен на Градскиот плоштад.