ОТКРИЕНИ ЛОГОРИ ЗА МАЧЕЊЕ ВО ОСЛОБОДЕНИОТ ХАРКОВ, ИМ КРШЕЛЕ ПРСТИ НА ЦИВИЛИ

0
617

Локалните власти вчера соопштија дека откриле 25 кампови за мачење во областа околу источниот украински град Харков од неговото ослободување од руската окупација, јави ДПА.

Во логорите, руските трупи апселе и мачеле цивили под нехумани услови, меѓу другото, изјави началникот на регионалната полиција Володимир Тимошко во објава на Фејсбук.

Некои од затворениците биле мачени со струја, а на други им биле скршени прстите, рече тој.

Областа околу Харков со месеци беше окупирана од руски војници. Тие се повлекоа на почетокот на септември по украинската контраофанзива.

Оттогаш, во ослободениот регион се откриени 920 тела на цивили, меѓу кои 25 деца, додаде Тимошко. Тие биле убиени од руски војници, рече тој.

Според истрагите на украинските власти, руските сили извршиле воени злосторства и на други окупирани територии.

По повлекувањето на руските единици од киевското предградие Буча, таму беа откриени телата на повеќе од 400 луѓе. Повеќето од нив умреле од насилна смрт. Истрагата е во тек.