Откако Хорхе и се помоча на правдата, слободно распуштете ја државата, која е смислата на нејзиното постоење?!

0
626

Го нарекувавме фикус, му се смеевме, констатиравме дека е само марионета на Грујо, се заебававме дека цело време молчи, дека нема став за битни настани, а кога ќе реши нешто да каже тоа најчесто е гаф, смешка…

И кога еднаш реши да прозбори, ја направи најголемата глупост, најголемото зло во постоењето на независна и самостојна Република Македонија!

Не, не сум во заблуда дека тој сам решил да го направи ова, немам дилема и сигурен сум дека зад оваа одлука стои лично сопственикот на плацеви на Водно и патникот во Мерцедес од 600 илјади евра… но сепак, Хорхе е лицето кое од позиција на претседател на државата избрал да прифати да го стави својот потпис, па да излезе пред нацијата и да прочита лист хартија со кој треба сите да не направи будали.

Па уште пропратено и со стандардните лаги и приказни за странски служби и сили кои стоеле зад сево ова, кои лошо и мислеле на Македонија…

Па кој може повеќе лошо да и мисли на државата од тие што целосно ја присвоиле и ја израмниле со партијата?! Од тие што местеле избори, краделе милијарди народни пари, апселе невини и ги праќале по затвори каде што требало да ги силуваат „надарени“, се изживувале врз немоќни, уништувале бизниси и човечки судбини, дури прикривале и убиство (или убиства)?! Биле спремни дури и војна да направат, само за да ја зачуваат власта и да продолжат со криминалот?! Кој може повеќе да ја мрази државата и граѓаните од мафијата која ги зеде под заложништво сите институции?!

Очигледно само еден човек – претседателот на Република Македонија!

На крај испадна дека најголемиот душман на оваа држава е првиот човек на државата – Ѓорге Иванов!

Тој е човекот кој ќе остане запишан во историските книги, Википедии и енциклопедии, како претседателот кој и се помоча на правдата, кој го искина Уставот на парчиња, кој го укина правото, кој и плукна во очи на надежта за еднаквост на сите пред законите, на последната шанса за воспоставување правна држава.

Едно од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија запишано во Член 8 од Уставот е владеењето на правото. Член 9, пак, вели – „Граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување; имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви“.

Со една одлука и 56 потписи, еден човек успеа да го поништи сево ова!

Не. Не велам дека досега граѓаните биле еднакви во слободите и правата пред Уставот и законите. Но, со формирањето на Специјалното јавно обвинителство и почетокот на истраги каде како осомничени се јавуваат водечките луѓе на власта и државната мафија, повторно се појави надежта дека нешто може да се смени, дека оваа држава конечно може да стане правна, дека некој политичар конечно ќе одговара за злоделата, злоупотребите и криминалите…

Ама тогаш Хорхе реши да го започне „процесот на национално помирување“…

И зарем после оваа одлука, има макар и најмала смисла постоењето на државата?! Има ли поента да се залажуваме дека живеме во демократска и правна држава која гарантира еднаквост на сите нејзини граѓани?!

После ова злодело на Хорхе може слободно да ја распуштите оваа држава, како што го распуштате и Собранието за да организирате криминални избори…

Што? Ако не постои држава ќе преминеме во анархија?!

Па што е оваа одлука ако не токму тоа?! Хорхе со своите потписи најдиректно повика на анархија! Каде никој за ништо нема да одговара и секој ќе може да прави што сака и колку сака!

Читам по режимските медиуми контролирани од мафијата дека демонстрантите синоќа биле насилни, дека биле хулигани…

Не, недраги мои. Тоа не се никакви хулигани, и тоа не е никакво насилство. Тоа е само дел од процесот на национално помирување кој го започна Хорхе.

Зарем може (екс)премиери, (екс)претседатели, (екс)министри, (екс)функционери, (екс)лидери на политички партии да бидат помилувани и да не одговараат за кражбите, криминалите, злоупотребите, а тоа да не важи за обичните граѓани кои решиле да ги искршат, да ги демолираат објектите кои се изградени со нивните пари?!

Ако политичарите не одговараат пред правдата, тогаш никој не треба да одговара пред неа!

И не си играјте со трпението и питомоста на народот… многумина низ историјата така се зезнале…

Јован Постолоски – Јофе