Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со претседателот на Албанија, Илир Мета со кого разговарал за Коридорот 8 и за реализација на проекти од областа на патната и железничката инфраструктура, како и за соработка во културата, образованието, спортот и туризмот.
Заев истакнал дека средбата ги реафирмирала принципите на добрососедство, заемно почитување и реципроцитет и дека заедничката владина седница меѓу Албанија и Македонија во декември во Подградец ги потврдува пријателските односи на двете земји, информираат од владината прес-служба.
Заев и Мета заклучиле дека двете земји се соочуваат со слични предизвици и дека имаат меѓусебна соработка.
Македонскиот премиер ја потенцирал соработката меѓу двете земји за што поскора интеграција во Европската Унија, а Мета изразил поддршка за македонските евроатлански интеграции, со надеж за успех во решавањето на сите отворени прашања.
„Мета ги подвлече заложбите на Република Албанија за почитување на културата и идентитетот на малцинските заедници во Албанија. Премиерот Заев, нагласи дека очекува припадниците на македонското национално малцинство да ги имаат истите колективни права подеднакво на целата територија на Албанија“, се вели во соопштението.