ОТКАЖАН СОСТАНОКОТ МЕЃУ БАЈДЕН И АРАПСКИТЕ ЛИДЕРИ ПО НАПАДОТ НА БОЛНИЦТА ВО ГАЗА

0
291

По бомбардирањето на болницата Ал Ахли во Газа, откажан е состанокот меѓу американскиот претседател Џо Бајден и арапските лидери, меѓу кои и палестинскиот претседател Махмуд Абас.

Бајден, кој денеска пристигна во Израел, требаше да замине за Јордан по средбата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, на средба со кралот Абдула од Јордан, со претседателот Абдул Фатах ал-Сиси од Египет и со Абас.

Меѓутоа, доцна синоќа, јорданскиот министер за надворешни работи рече дека средбата може да се одржи само кога страните ќе се договорат да стават крај на „војната и масакрите врз Палестинците“, обвинувајќи го Израел за експлозијата во болницата.

Хамас го обвини Израел за ракетирањето на болницата, но израелската војска тврди дека експлозијата била предизвикана од ракета на друга група, Палестинскиот исламски џихад, втората по големина милитантна група во Појасот Газа. Исламскиот џихад ги отфрли овие тврдења, обвинувајќи го Израел дека „напорно се обидува да ја избегне одговорноста за бруталниот масакр што го изврши“.

Бајден рече дека е „огорчен и длабоко тажен“ од експлозијата и го упати неговиот тим за национална безбедност „да продолжи да собира информации за тоа што точно се случило“.