ОТВОРЕНО ПИСМО ДО МАКЕДОНСКАТА ЈАВНОСТ ОД ГЕНЕРАЛ АНГЕЛОВ: Додека сум во Ирак, Латас се заканува на мојата сопруга и моите деца!

0
1773

Пред неколку дена на сопругата Јасминка телефонски ѝ се јавила Анита Бегова, адвокат на Драган Павлович Латас. Во краткиот разговор, адвокатката на Латас најљубезно ја замолила мојата сопруга итно, на сметката на Латас, да уплати 1.500 евра бидејќи нејзиниот клиент Латас вршел силен притисок. Во спротивно, уште пољубезно и укажала дека следните неколку дена, под притисок на Латас, кај нас дома ќе дошол извршителот Весна Деловска.

Значи следните два-три дена, додека сум јас во Ирак, а жена ми сама дома, ќе дојде извршител со двајца полицајци и пред очите на 7 годишниот Марко и 8 годишната Сара ќе изнесе мебел и разни предмети од кај нас дома. Предметите ќе ги продадат, а пaрите ќе му ги дадат на Латас.13418579_1040741682679790_749747168191146988_o

СВАРОВСКИ СУДСТВО

Овие 1.500 евра Латас ги бара од мојата сопруга додека јас сум на работа во Ирак бидејќи на права правдина изгубив тужба против него, изгубив тужба која ја покренав јас против него. Го тужев затоа што неколку часа пред да настапи предизборниот молк, во петок попладне на изборите во јуни 2011-та година, на Сител прочитаа и коментираа писмо за кое објавија дека е мое. Содржината на лажното писмо беше полна со навреди и лаги за претседателот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски. Веднаш по првото прочитаа и второ писмо во кое, пак, сега наводно Љубе мене ме прави лом, навредувајќи ме со секакви погрдни зборови. Лажните писма беа прочитани неколку пати во вестите на Сител без на мене и на Љубе да ни дадат право на демант.

ЛАТАС

Ти многу добро знаеш дека писмата за кои те тужев беа лажни. Всушност сосем е можно ти лично да си учествувал во нивната креација. Ти Латас многу добро знаеш која беше целта на нивното емитување на телевизијата на која си ти уредник. За мене тоа е доволно. Доволно е тоа што знам дека знаеш. Знам јас. Знаеш ти. Знаеме јас и ти.

Пресудата на онаа исплашена и изгубена судика која за време на судењето збунето и со чудење ме праша дали јас имам партија, а неколку минути подоцна уште повеќе изненадена ме праша дали и Љубе Бошкоски има партија, е таа пресуда за мене Латас е сосем неважна. Затоа, јас не ја прифаќам.

Не ја прифаќам пресудата но бидејќи сум отсутен од дома извршителот од мојата сопруга во присуство на моите деца најверојатно ќе успее да одземе предмети во висина од 1.500 евра за да ти ги даде тебе.

Еј, пази, јас сум невин како цвет, ти си виновен како црн ѓавол, а судијката пресуди наместо да ми се извиниш ти на мене, јас на тебе да ти исплатам 1.500 евра. И што е најлошо, ќе успееш. Ќе успееш на сила да ги земеш овие 1.500 евра бидејќи жена ми е сама дома со трите мали деца. Ќе беше сосема друга приказна ако јас бев таму. Ќе го видев тој извршител што ќе влезеше кај мене дома.

12829465_973607962726496_5263493500785647451_o

Еј Латас! Можам да те замислам колку ликуваш сега. Колку си полн со себе. Колку си среќен. Уште еднаш по којзнае кој пат ја изигра правдата и нанесе зло. Нанесе зло на чесен човек. Нанесе зло на бранител. Нанесе зло на воен инвалид. Нанесе зло на човек чија крв ја натопи сувата македонска земја. Можам да замислам колку ќе ти биде убаво додека извршителот ги изнесува предметите од мојот дом. Верувам дек ќе стоиш некаде во близина за да гледаш. Бидејќи злото кое го носиш во тебе е посилно и од тебе.

Само, види Латас. Јас знам дека мене не ме исплашиле многу покрупни работи од еден обичен извршител. Уште повеќе знам дека ако не ме исплашивте овие 10 години, како мислите да ме исплашите сега, на самиот крај на падот на режимот?

Латас! Лошото е тоа што знам дека нема да сопрете овде. Знам дека ќе продолжите со вашата црна кампања. Знам дека до изборите ќе смислите нешто ново. Знам дека после овој ќе следи нов напад. Нов напад врз моето семејство. Не врз мене, напад врз моето семејство. Бидејќи сметате дека така ќе ме раздрмате. И ќе ми одземете време. Време и енергија. За жал, донекаде сте во право. Не ме исплашивте, но ме раздрмавте. Ми потрошивте енергија, ми одзедовте време. Наместо сега да пишувам сведоштва за херојските битки од 2001-та јас неколку дена губам време пишувајќи ти тебе. Напиши, преправи, избриши, напиши повторно, пак преправи, пак избриши. Политичар сум, не сум обичен човек. Затоа не смеам да напишам сѐ што чувствувам, мислам и планирам. Тоа ме прави спор.

Значи ти Латас успеа во едно. Денес, граѓаните кои ме следат, наместо да читаат за една наша славна и жестока битка од 2001-та, ќе читаат за твојот злобен и подол напад кон моето семејство. Но токму тоа е твојата цел. Тебе како на еден од најголемите крвници на македонскиот род, не ти одговара да се пишува за херојските македонски битки со УЧК. Бидејќи ти Латас не испушташ прилика да кажеш дека ние македонските бранители во 2001-та сме биле неспособни кукавици кои не можеле да победат во ниту една битка. Но токму ти Латас знаеш дека не е така. И знаеш дека наскоро ќе дојде ден кога ќе треба да застанеш пред нас бранителите и во очи да ни кажеш каде и како, воено, сме изгубиле барем една битка.

Латас!!! Јас едно знам. Знам дека знаеш и ти. Д гејм ис овер. Готово е. Финиш. Крај. Знаеш дека што и да се случи во декември, никогаш повеќе нема да биде исто. Исто како што беше до скоро. Кога газевте врз лешеви, кога газевте врз невини, сиромашни луѓе кои тивко умираа од вашата нечовечност и ненаситност за пари. Лаки! Знаеш дека е крај и тоа те прави нервозен. Ти се познава бе Латас, не можеш да скриеш. Не можеш да скриеш да је Лаки мало нервозан. Нервозан а богами и непресметлив. Размисли малку бе Латас, дали ти со твојата нечовечна постапка кон моето семејство му правиш услуга на твојот пастир или му правиш штета? Но, јбг Лаки, посилно е од тебе. Да се нанесе зло па колку сака нека кошта.

14572297_1131009666986324_6513625900563744750_n

АПЕЛ ДО ИЗВРШИТЕЛКАТА ВЕСНА ДЕЛОВСКА

Г-ѓа Деловска! Ве молам кога ќе отидете кај мене дома! Најпрво одземете го брачниот кревет од спалната соба. Одземето го бидејќи е време да купам нов. Овој е расклатен и крцка многу. Не е лошо да го одземете и фрижидерот, не ми го лади пивото како што треба. Ве молам извршителке, не заборавјте да земете и нешто од децата. Особено плавиот џип на батерии со далечински управувач на мојот 7 годишен син Марко. Ќе го познаете по скршената антена. Со него ме мава по нозе додека јас пишувам статуси против режимот и Грујо. Особено ќе ви бидам благодарен ако и ги одземете розевите хеланки на мојата 8 годишна ќерка Сара. Човече, не можеме да ги соблечеме од неа кога оди да си игра надвор. Ќе ѝ купиме нови 10 во различни бои.

Извршителке! За малку ќе заборавев! Ве молам одземете го и мобилниот телефон на мојата жена. Кога ќе се вратам од Ирак дома, да го посвети целото време на мене. Море не е лошо да и го одземете и нејзиниот лап-топ. За целосно да биде моја. Моја и само моја. Без интернет, без фејсбук, без Курир и без Мактел.

Извршителке! Одземете ја и рентген снимката од полицата во дневната соба. Не ми треба веќе, а ми враќа спомени. Спомени како крвта ми тече низ уста додека УЧК пукаат по мене. Но не само спомени. Таа рентген снимка ме потсетува на нешто што го носам во мене а не можам да го видам. Жиците! Метлните жици во моето тело замотани околу скршените ребра. И најлошо од сѐ, понекогаш зјапам во неа гледајќи во празнината на мојот граден кош. Празнина во која некогаш одамна стоело парче бел дроб.

14242310_1105674229519868_8920391708576102234_o

ЌЕ ЗЕМЕТЕ СÉ, НО ЕДНО НЕШТО НЕ

Извршителке! Земајте што ќе земете! Земете сѐ! Но едно нешто нѐ. Не можете да ја одземете љубовта. Љубовта на мојата жена и љубовта на моите деца. Нивната љубов кон мене, мојата љубов кон нив. Тоа никако не можете. А ние… И со овие предмети, и без нив, ќе преживееме. Ќе преживееме и ќе раскажуваме за едно нечовечно време, за едно сурово време, за едно болно време, време во кое нечесните си поигруваа со судбините на чесните.

РАЗУМЕН КОМПРОМИС

Сепак, г-ѓо извршителке, г-ѓо Деловска, ајде да ви предложам нешто друго. Нешто попрактично, нешто почовечно.

Г-ѓо извршителке. Сега за скоро јас ќе дојдам во Македонија за да учествувам на парламентарните избори. Едно знам, во едно сум сигурен. На 11 декември јас ќе станам пратеник во Собранието на Република Македонија. Тоа сигурно. Верувајте ми. Ви предлагам да не му го правите ќефот на суровото човече Латас. Не одете кај мене дома и не ми го трауматизирајте семејството. Наместо тоа, почекајте да ги земам првите пратенички плати и од нив одбијте ги 1.500-те евра за Латас. Иако не верувам дека ќе може да ги троши бидејќи таму кај што ќе заврши бргу после изборите пари нема да му требаат. Освен евентуално за цигари.

Значи, извршителке Деловска. Јавно ви нудам дил. Почекајте ме уште неколку месеци и потоа дајте му ги 1.500-те евра на Латас. Со тоа што морам да ве предупредам дека ќе мора да бидете брзи бидејќи на една од првите собраниски седници јас лично како пратеник и претседател на „Достоинство“ ќе предложам укинување на извршителите. За да се запре газењето врз човечкото достоинство на чесните, сиромашни и кротки македонски граѓани.

Г-ѓо Деловска! Не знам зошто, но нешто длабоко во мене ми вели дека вие сепак ќе ме разберете.

КРВАВИ ПАРИ

Г-ѓа Деловска Весна. Парите кои ги заработувам овде во Ирак се крвави пари. Верувајте ми, не сакате да знаете што сѐ работам за нив. Овие пари содржат капки од мојата крв, мрвки од моето месо, парчиња од мојата душа. Тие пари се благословени само ако се трошат за потребите на моето семејство. Инаку не.

Г-ѓо извршителка! Не знам дали знаете но јас сум тежок воен инвалид. Тешко ранет воен инвалид. Ранет во Арачиново, бранејќи ја државата. Тоа што кога сум облечен инвалидитетот од надвор не ми се познава е посебна приказна која ќе ја раскажам следните дни. Но внатре. Внатре во мојот граден кош… Исечениот бел дроб зараснал со некакво ткиво директно за мојата дијафрагма. Верувајте, понекогаш знае да боли. И тоа како да боли. Како некој со стап да ме мава преку плексус. Но никогаш досега јавно се немам пожалено. Знаат само најблиските бидејќи не можам да скријам кога ќе се свиткам од изненаден бол. И не само тоа.

Понекогаш долго и шилесто копје ги пробива моите гради. Особено кога има промена на време. Таму каде што поминал куршумот сега минува копје. Да знаеш само колку боли. Но и копјето успешно го кријам. Се разбира, најблиските знаат. Бидејки кога ќе ме прободи останувам без здив, заземам една посебна положба со телото, положба во која можам да дишам и потоа не мрдам додека копјето не излезе и не почнам нормално да дишам. Овие шрапнелите под пазувата, секогаш кога почнувам со тренинг, мрдаат и прават месото да изгледа скапано. Крпеницата од триесетина сантиметри на грбот и под мишката не ја ни споменувам. За среќа, кога стојам пред огледало не ја ни гледам.

Г-ѓа Деловска. Со хируршки отстранета третина од десното белодробно крило, со ребра врзани со жица, со повеќе од триесетина шрапнели во десната страна од моите градите, наместо да одам на топла бања, наместо да одам на рехабилитации по специјални болници, јас собрав сила, почнав да вежбам, се вратив во форма и дојдов да работам овде во Ирак и тоа не било што.

14352098_1113058538781437_7241375273438245393_o

ОПАСНОСТА ВО ИРАК

Г-ѓа Деловска! Работам во држава во која се води војна. Сурова војна. Крвава војна. Војна во која секој ден гинат луѓе. Цивили, војници и полицајци, стари и млади, машки и женски. Да биде полошо, безмалку секој ден некој останува без глава. Не така како што прво ќе ви падне на ум. Безмалку секој ден некому му сечат глава. Со мачета или нож, некогаш со секира. Сеедно. Иако шансите се мали, на секое излегување надвор од мојата релативно безбедна мала база се прашувам, а што ако ме фатат токму денес? А мојата работа овде е токму тоа, патување со блиндирани возила од точка “А“ до тока “Б“. Точки кои понекогаш се одалечени стотици километри. Стотици километри секојдневно возење низ Ирак, со потенцијални мети на задните седишта. Бидејќи лицата кои ги обезбедувам јас се многу интересни и за нив. За ИСИЛ но не само за нив. Уште повеќе за некои локални племиња и вооружени банди.

996998_935345216552771_9139756838490658084_n

Од бушотината за нафта, во чија близина спијам јас, понекогаш излегува гас. Отровен гас. Лошото е тоа што е смртоносен и нема многу време за бегство. Доброто е тоа што нема мирис, ниту вкус, па ако не ја слушнам предупредувачката сирената ќе умрам во сон. Ниту ќе боли, ниту ќе пече, само смрт, обична смрт. Можноста од палење на некои други гасови кои ќе дигнат во воздух сѐ, правејки еден фин, голем и длабок кратер ја оставам за крај.

КАРМА

На самиот крај, една заедничка порака до Латас, адвокатката Анита и извршителката Весна. Јас не сум премногу побожен, особено не сум детерминист. Не верувам во судбини. Но има нешто во што верувам. Верувам во карма. А некои викаат, кармата е „бич“.

Директно од Ирак,

Генерал Стојанче Ангелов