Османи: Работни групи заеднички ќе работат на допрецизирање на Договорот за добрососедство со Бугарија

0
108

Македонија е подготвена да допрецизира одредени работи од Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија, а за таа цел, работни групи од македонското и од бугарското МНР ќе разговараат на дневна основа, за да се надминат разликите во очекувањата од Договорот. За тоа се подготвува дополнителен анекс на овој документ. Ова, меѓу другото, го посочи министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на денешната прес-конференција, при што потенцира дека ова е договорено во Софија, на средбата со неговата бугарска колешка Екатерина Захариева.

„Во Софија разговаравме за сите прашања и за Договорот, при што констатиравме дека има разлики во очекувањата. Затоа се договоривме да се формираат работни групи од двете министерства за надворешни работи, кои на дневна основа ќе разговараат во однос на различните толкувања и дилеми. Мислам дека ние немаме проблем да направиме дополнително објаснување до бугарската страна дека новото име е во употреба, како и долгото, така и краткото, меѓутоа и краткото (Северна Македонија) и долгото, претставуваат иста територија, а тоа е Република Северна Македонија. Ако краткото име предизвикува загриженост во Република Бугарија, дека некој тоа може да го интерпретира како територијална претензија на историскиот регион Македонија, мислам дека ние немаме проблем да направиме дополнително објаснување до бугарската страна“, изјави Османи.

Во однос на последните барања на бугарски политичари да се променат плочите на спомениците на кои пишува „бугарски фашистички окупатор“, Османи рече дека за тоа треба да разговараат комисиите, а не политичарите.

„Добро е да има реципрочно ублажување на тонот на историските прашања, но за тоа треба да најдат решение комисиите, а не политичарите, затоа што тоа ќе биде во иднина секогаш оспорувано“, посочи Османи, додавајќи дека ги охрабрува Комисиите на двете земји, што побрзо да дојдат до одредени одлуки, кои ќе дадат нова диманика во односите меѓу двете земји, со поглед кон иднината, а не кон минатото.