Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан упати пофални зборови за неговиот македонски колега, Христијан Мицкоски на конзервативната CPAC конференција во Будимпешта. Тој го нарече Мицкоски „чуварот на тврдина“.
-Нашиот македонски херој Христијан Мицкоски победи на изборите иако цел Брисел го поддржуваше неговиот противник. Тој е чуварот на тврдина која ја штити европската јужна граница од миграцијата. Да живее Македонија, изјави меѓу другото Орбан на отворањето на големата конференција на европски и американски конзервативци. На истата конференција утре треба да се обрати и премиерот Мицкоски.
Блиската соработка меѓу двајцата премиери почна практично уште пред неколку години. На унгарските избори во 2022 година, Мицкоски беше во штабот на ФИДЕС. „Голема победа за Орбан.
Со среќа и многу успех во четвртиот по ред премиерски мандат“, напиша Мицкоски објавувајќи селфи фотографија со Орбан. Потоа, на 18 мај 2023, Мицкоски како лидер на ВМРО-ДПМНЕ, во Брдо во Словенија разговараше со Орбан за интеграциите на Македонија во ЕУ и за поддршката во изготвувањето на програмата на ВМРО-ДПМНЕ за парламентарните избори.
Мицкоски и Орбан тогаш присуствуваа на средбата на Центристичката демократска интернационала, чии членови се и ВМРО-ДПМНЕ и унгарската ФИДЕС.