Општина Центар: Доживеавме да бидеме напаѓани и за проект со кој се опфатени дечињата со посебни потреби

0
443

„Вчерашните објави на провладините портали се уште еден обид да се излаже јавноста дека, наводно, општина Центар го злоупотребува буџетот преку невладините организации. После три години притисоци и безидејност кај советниците на ВМРО-ДПМНЕ, доживеавме да бидеме напаѓани и за проект на Општина Центар со кој се опфатени дечињата со посебни потреби.

Граѓаните треба да ја знаат вистината а таа следната:

Парите за кои се говори дека биле неиздржано доделени за невладините организации, се всушност пари за реализација на два многу важни проекти. Првиот е наменет за лица со посебни потреби, поточно за децата со посебни потреби во основните училишта во Центар. Во соработка со НВО, ќе се ангажираат дефектолози во основните училишта за работа со децата со посебни потреби. Проектот е веќе започнат лани во ОУ Песталоци, каде е одлично оценет од сите родители и граѓани кои веќе ги почуствувале придобивките. Потврда за успешноста на проектот дадоа и директорите на училиштата на седницата на Совет, кога ги приложуваа своите извештаи до советниците. Општина Центар е првата општина која со директна буџетска поддршка ги подобрува условите за учење на овие дечиња.

Вториот проект е во делот на екологијата и заштита на природната средина. Имено, Општина Центар, во соработка со НВО, ќе спроведе попис на целото зеленило и дрва на територијата на општината и повторно, ќе биде прва општина со вакви податоци. На база на оваа анализа, општината во иднина ќе изготвува стратегии и проекти за зачувување и зголемување на зелените површини и подобрување на животната средина.

Исто така, јавноста мора да знае дека општината, преку транспарентна и целосно законска постапка, ги доделува средствата за невладини организации и проекти. Имено, за конректните проекти беше распишан отворен повик на кој сите невладини можеа да конкурираат и да се пријават. Целата постапка за избор на организациите е согласно законот.

Навистина е жално и срамно што за вакви важни проблеми, советниците на ВМРО- ДПМНЕ, преку нивните медиуми, се обидуваат да добијат политички поени. Ова се проекти кои треба да бидат поддржани и поздравени од сите политички партии и чинители, но очигледно советниците на ВМРО ДПМНЕ немаат ниту граници, ниту морал кога добиваат инструкции да напаѓаат. Ги повикуваме провладините медиуми да се информираат за текот на проектите и нивната реализација, со што ќе можат професионално да известуваат како овие проекти го подобриле животот на граѓаните“, се вели во демантот на Општина Центар.