Општина Струмица: Фабрикуван прес на ВМРО-ДПМНЕ за да се оцрни Заев

0
1450

Општина Струмица ги отфрли наводите за корупција на градоначалникот Зоран Заев кои денеска на прес-конференција ги изнесе пратеникот на ВМРО ДПМНЕ Васил Пишев.

Пишев денеска рече дека Општината склучила договор за превоз на деца со посебни потреби до ООУ „Сандо Масев“ и вработени во администрацијата со фирмата „Тритерол“, која според Пишев, воопшто не ја вршела  услугата, а парите биле обезбедени.

За Општината овие сомнежи се невистинити и, како што стои во писмената изјава, ВМРО ДПМНЕ со фабрикуван прес сака да го оцрни градоначалникот Заев и Општина Струмица.

„Вистината вели дека на распишаниот тендер на Општина Струмица за превоз на деца со посебнин потреби  во ООУ „Сандо Масев“ , фирмата „Тритерол“ воопшто нема аплицирано, што подразбира дека и не можела да испорача услуга“, стои во реакцијата од Општина Струмица.
Од Општината уште додаваат дека доколку имало нешто незаконско, сигурно досега ќе било санкционирано.

„Можеле од ВМРО ДПМНЕ барем да најдат друг човек да ја држи денешната прес-конференција. Васил Пишев многу добро знае на кој начин се добиваат тендери во Општина Струмица, бидејќи тој и неговата фирма „Алмакс“ во времето на градоначалствување на Зоран Заев добивал тендери од Општина Струмица, како и повеќе други компании блиски на неговата партија“, пишува во реакцијата.