ОПШТИНА ПРИЛЕП ЌЕ СЕ ПОТРУДИ ПРИЛЕПСКА ПОБЕДА ДА БЛЕСНЕ ПОВТОРНО КАКО ПОРАНО, СТАДИОНОТ НА ФК ПОБЕДА ЌЕ БИДЕ ЗАВРШЕН ДО КРАЈОТ НА ГРАДЕЖНАТА СЕЗОНА!

0
368

– Како градоначалник на Прилеп, како човек кој го сака фудбалот и кој што има одговорност пред граѓаните на најфудбалскиот град во нашата држава, нема да дозволам ‘Победа’ да замине во стечај и потоа во ликвидација. Затоа во овој момент, на прилепската и пошироката јавност сакам да им соопштам дека ќе излезам со програма пред членовите на општинскиот Совет и од нив ќе побарам Општина Прилеп да ја преземе грижата за ‘Победа’, сѐ до моментот додека не се најде приватен инвеститор кој фудбалскиот клуб ќе го земе под своја ‘капа’, изјави на денешната прес конференција одржана на Градскиот стадион „Гоце Делчев“, градоначалникот Илија Јованоски.

Јованоски нагласи дека подолго време клубот е оставен сам на себе, дека досегашните акционери се откажаа од „Победа“ и зад себе оставија долгови во висина од 9 милиони денари. Исто така, клубот е со блокирана жиро-сметка, без тренер и без доволен број на квалитетни играчи кои ќе можат да обезбедат опстанок во Втората лига, каде најпопуларниот фудбалски и спортски клуб од Прилеп ќе се натпреварува во претстојната сезона, која започнува за нецел месец. Градоначалникот на Прилеп потенцираше, дека заради сите оние фудбалери и вљубеници во „Победа“ кои децении наназад се вложиле во клубот, жално е да се дозволи овој фудбалски бренд да замине во неповрат.

„Пред месец и половина заврши изградбата на северната трибина, при што беше поставена и покривната конструкција, а моментално се работи на големата, јужната трибина. Според договорот кој што го имаме со изведувачот на работите, реконструкцијата на Градскиот стадион, вклучително и оградниот ѕид и заштитната ограда, целосно ќе биде завршена до крајот на оваа градежна сезона. Обврската да го направи тревникот ја има ФФМ и тој досега веќе требаше да биде поставен. Од за мене непознати и нејасни причини, како што гледате, таа работа не е завршена. Во понеделник имам договорено состанок со претседателот на ФФМ, на кој ќе разговараме за нивната обврска да го направат тревникот, со цел тој да биде готов заедно со другите градежни работи. Верувам дека со завршувањето на градежните активности на стадионот, тревникот ќе биде оспособен и ќе биде ставен во функција, така што наесен на Градскиот стадион ‘Гоце Делчев’ ќе можеме да гледаме фудбалски натпревари“, истакна градоначалникот Јованоски.

Филип Иваноски, претставник на „Изофас“, фирмата изведувач на градежните работи, потврди дека сите градежни активности ќе бидат завршени во предвидениот рок, односно до крајот на градежната сезона.

„Се работи на комплетна реконструкција на јужната трибина. Скоро 70 отсто од бетонските работи се веќе завршени, така што очекуваме до крајот на август комплетно да ги завршиме бетонските работи. Паралелно пристапуваме кон изведба на сите оградни ѕидови околу стадионот, со што тој ќе биде заграден и оформен како една целина. Потоа ќе пристапиме кон уредување на ресторанот и ВИП ложата на северната трибина, како и на санитарните јазли. Како што рече и градоначалникот, до крајот на оваа градежна сезона ќе ги завршиме сите работи кои се предвидени во оваа постапка“, рече Иваноски.

На денешната прес конференција присуствуваа и поголем број поранешни и сегашни играчи на „Победа“, спортски работници и приврзаници на фудбалот, кои ја поддржаа идејата на градоначалникот Јованоски по однос на иднината на фудбалскиот клуб.

„Како поранешен играч и капитен на ‘Победа’, ја поддржувам оваа иницијатива на Општина Прилеп и нејзината заложба за изградба на стадионот, за тоа да не се дозволи клубот да згасне и што тој ќе премине во општински раце. Исто така, упатувам апел до бизнис секторот од градот и добронамерните луѓе, да помогнат во сето она што Општината го има замислено. Мислам дека за брзо време овој клуб ќе застане на здрави нозе и ќе се врати онаму каде што припаѓа, а тоа е во врвот на македонската Прва фудбалска лига“, изјави поранешниот фудбалер на „Победа“, Благојче Дамески.

Меѓу присутните беше и некогашниот голман на ФК „Победа“, Круме Митрикески кој нагласи дека градот поседува квалитетни стручњаци кои можат да ја водат „Победа“ и со тоа да придонесат да се врати времето кога на Градскиот стадион присуствуваа и по 20.000 гледачи.

„Прилеп е познат по ‘Победа’. Овде идеа 20.000 гледачи кога ‘Победа’ играше со ‘Динамо’ од Загреб, треба да го вратиме тоа време. Имаме стручњаци кои можат да ја водат ‘Победа’, да се одберат играчи и ‘Победа’ да појди таму каде што ѝ е местото. А за тоа да се направи, треба една активност на спортска линија, да се донесат квалитетни играчи за да се помини оваа сезона во Втората лига. Да не размислуваме само за опстанок, туку да се обезбеди екипа и да се врати во Првата лига и да се оствари заложбата на градоначалникот, на инвеститорот, ‘Победа’ да игра на овој стадион“, истакна Митрикески.