(ВИДЕО) ДЕНЕСКА ОПШТИНА ПРИЛЕП ОРГАНИЗИРА КРВОДАРИТЕЛСКА АКЦИЈА ЗА БИТКА ПРОТИВ КОВИД 19

0
1026

Денеска на моја иницијатива, а во соработка со Институтот за трансфузиона медицина од Скопје, во просториите на Општина Прилеп се одржа крводарителска акција.

Она што сакам да го истакнам, е дека одзивот на граѓаните за акцијата е голем, заради што ја искажувам мојата благодарност за високиот степен на покажана свест, солидарност и хуманост.

Дарувањето крв е секогаш добра идеја, дури и во актуелни услови на пандемија на КОВИД-19, од причина што има болни на кои нашата крв им е неопходна и кои не можат и не смеат да го чекаат крајот на пандемијата.

Притоа, во насока на заштита на здравјето на граѓаните кои денеска даруваа од скапоцената течност, како и заштита на здравјето на медицинските лица, во текот на реализацијата на крводарителската акција беа преземени сите безбедносни мерки, според протоколите за заштита од коронавирусот.

Според информациите од Центарот за јавно здравје – Прилеп, досега се извршени 642 тестирања, од кои 159 биле позитивни на коронавирус. Вкупниот број на излекувани лица изнесува 68.

На Инфективното одделение во прилепската Општа болница „Борка Талески“ хоспитализирани се 13 лица позитивни на коронавирус. Еден од нив е на кислородна поддршка, останатите се со стабилна клиничка слика. Во делот за изолација се наоѓаат 4 пациенти, двајца од нив се негативни на коронавирус, а на другите двајца земен им е брис и се чекаат резултати.

Во самоизолација се наоѓаат 236 граѓани. Во текот на продолжениот првомајски викенд, забележани се 6 нарушувања на полицискиот час.

Во насока на заштита на здравјето на граѓаните од целата територија на општината, во саботата и неделата Општина Прилеп спроведе акција за дезинфекција на населените места. Со земјоделска механизација на месното население, дезинфицирани беа улиците во петнаесетина населени места, меѓу кои и Мажучиште, Галичани, Кадино село, Мало и Големо Коњари, Беровци, Алинци и други.

И покрај трендот на намалување на пандемијата, Општина Прилеп и понатаму ќе ги презема сите неопходни мерки за заштита на јавното здравје и здравјето на нашите сограѓани. Истовремено упатуваме уште еден апел до граѓаните, целосно да ги почитуваат препораките на Министерството за здравство за справување со КОВИД-19.