Општина Прилеп го одбележа Денот на независноста, 8.Септември

0
890

По повод 8.Септември, Денот на независноста на нашата држава,
градоначалникот Илија Јованоски, претседателот и членови на Советот на
општина Прилеп, делегации на Сојузот на борци, политички партии и
здруженија на граѓани, положија цвеќе пред споменикот на првиот претседател
на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов – Ченто и на Могилата на
непобедените,

Поздравувајќи ги присутните, градоначалникот Јованоски истакна дека
8.Септември е симбол на борбата на многу генерации за изградба на
просперитетна, економски силна и стабилна македонска држава.

„Од името на локалната самоуправа и Општина Прилеп, на сите граѓани им го
честитам 8.Септември, Денот на независноста на нашата држава. Денес им
оддаваме почит на сите борци и херои кои своите животи ги дадоа за
независна македонска држава. Ние како граѓани, пред 28 години на овој ист
ден, на референдум гласавме за независна, самостојна македонска држава
која и понатаму треба да ја чуваме и негуваме. Она кое што сакам да посочам,
е дека треба да ја градиме денешницата, за да имаме подобра иднина на
младите генерации. Тоа е наша должност“, посочи градоначалникот Јованоски.

На распишаниот референдум, на 8.Септември 1991 година, од 1.495.626
граѓани со право на глас, на гласање излегле 1.132.981 граѓани или 71,85
отсто, а од вкупниот број граѓани кои гласале на референдумот позитивно се
изјасниле 1.079.308 односно 95,09 отсто.