Општина Гази Баба додели 910 таблети за учениците од ранливи категории

0
190

910 ученици од сите 11 основни училишта во општина Гази Баба ги добија ИТ уредите за следење на онлајн настава. Секое дете кое минатата учебна година не можеше да ја следи наставата, сега доби свој дигитален уред за учење.

Градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски посочи дека е горд што таблетите стасаа до рацете на учениците, иако општината помина низ повеќемесечна макотрпна работа во процесот на набавка на таблетите, предизвикана првенствено поради физичкиот недостаток на доволен број ИТ уреди на македонскиот пазар.

– 2 месеци чекавме од ИТ компаниите да успеат да ги обезбедат потребните количини за да ја исполниме вкупната бројка од 910 таблети, но на крајот, горди сме што не остана ниедно дете без уред, односно без можност да ја следи онлајн наставата. Можам да Ви ветам дека додека сум градоначалник, нема да дозволиме во Гази Баба да има дете без еднакви можности за следење на настава. Сите мои сограѓани се еднакво важни и приоритетни во мојата работа! Успеавме да обезбедиме таблети не само за децата од социјално ранливите групи, туку и децата на повеќедетни семејства кои лани мораа да учат истовремено од само еден уред, изјави градоначалникот Георгиевски.

Георгиевски порача дека нема да престане да овозможува еднакви услови за следење на наставата на сите ученици од општината и дека Гази Баба постојано на дело покажува дека се грижи за сите свои сограѓани.

Уште еднаш упати благодарност до сите поединци, општествено – одговорни компании и Амбасадата на НР Кина кои се вклучија во процесот за обезбедување на таблети за учениците.