ОПОЗИЦИЈАТА ПРОТИВ ПОНУДАТА НА АХМЕТИ ЗА ВЛАДА НА НАЦИОНАЛЕН СПАС

0
170

ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ сметаат дека ќе победат на изборите и дека предлогот на Ахмети е за негов личен и за спас на ДУИ, а не на државата. Не поминува понудата на лидерот на ДУИ Али Ахмети за влада на национален спас или национално единство за европска интеграција, ако по парламентарните избори не се формира политичка влада, односно ако Европскиот фронт, предводен од ДУИ, или коалицијата „Вреди“ одбијат да бидат дел од извршната власт што е против измени на Уставот. Опозициските ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ сметаат дека ќе победат на изборите и дека предлогот на Ахмети е за негов личен и за спас на ДУИ, а не на државата.

Ахмети во гостување на ТВ21 тврди дека партиите на Албанците и од власта и од опозицијата потпишале документ дека не влегуваат во влада ако нема уставни измени за влез на Бугарите и на други заедници, и за да се спречи државата да влез во политичка криза, спасот е во формирање народна влада во која ќе учествуваат сите партии што на парламентарните избори на 8 мај ќе освојат пратенички мандати.
Ахмети тврди дека договорот бил потпишан пред еден и пол месец.

– Договорот е потпишан помеѓу Алијанса за Албанците, ДПА, Беса и Алтернатива. Ако не грешам, да, Алтернатива беше. Беше потпишан само од Арбен Таравари како претседател на Алијанса. Потпишав, да, веднаш. Се пожали Азир Алиу дека му создаваат проблеми, заборавив и партијата на Изет, Движењето за промени. Дека му создаваат проблеми другите партии, зошто ДУИ тука, зошто таму, треба да биде на крај, тој рекол дека го направил според азбуката – рече Ахмети.

Договорот меѓу партиите на Албанците предвидува дека „нема партнерство со политички партии што се против уставните промени и против евроатлантскиот пат на Македонија“.

И додека Ахмети тврди дека на документот се потпишале сите лидери на партиите од албанскиот политички блок, „Вреди“ демантира дека има пишан договор.
– Ахмети нека покаже таков договор ако има. Не ја зборува вистината. Не знаат што зборуваат веќе. Значи таков договор нема – дециден е лидерот на Демократско движење Изет Меџити.

Тој во изјава за „Слободен печат“ ја отфрла понудата на Ахмети за можно формирање влада за национален спас.

– Ахмети не бара национален спас, туку спас за ДУИ и за себе. „Вреди“ ќе победи на изборите и ќе ја формира идната влада – ни изјави Меџити.

Лидерот на ДУИ вели дека доколку нема подготвеност за уставни промени, тогаш по изборите треба да се формира влада на национално единство.

– Мислам дека нема потреба да се оди во криза, бидејќи има решение. Сите да преземеме одговорност, да формираме народна влада по изборите, ако нема подготвеност од партијата која ќе победи на изборите, бидејќи никој не може да знае како ќе бидат изборите на 8 мај и на 24 април – вели Ахмети.

Од ВМРО-ДПМНЕ  велат дека тие се победници на изборите.

– ВМРО-ДПМНЕ ќе има чиста победа на парламентарните избори и ќе формира стабилна влада. Понудата е израз на страв и нервоза на Ахмети зашто ќе изгуби на изборите. Ахмети нека не се занимава со предлози за влада на национален спас, зашто мисли на влада на криминал и корупција, како и до сега – велат од ВМРО-ДПМНЕ. Иако побаравме, од СДСМ не добивме одговор за предлогот на Ахмети.

ДУИ и претходно најави дека и да победат на парламентарните избори нема да бидат дел од влада која е против уставните измени. Во владата на национален спас, според информации од ДУИ би учествувале сите партии кои по парламентарните избори ќе бидат дел од новиот собраниски состав, со исклучок на Левица. Документот за кој зборува Ахмети, а не го потврдува „Вреди“ е услов за формирање влада по изборите.

Ахмети и лидерите од Европскиот фронт ја почнаа кампањата за парламентарните избори преку симулација на конститутивната седница на која по изборот на претседател на Собранието прва точка беше измена на Уставот, со што, според Ахмети испратиле порака дека ќе нема влада ако претходно нема уставни измени.

Коалицијата „Вреди“, пак, прва информира дека има џентлменски но не и пишан договор меѓу партиите на Албанците, ниту една партија да не влезе во влада која нема да гарантира усвојување на уставни измени. „Вреди“ дава рок уставните измени Собранието да ги донесе до нова година. Уловувањата на партиите на Албанците за формирање нова влада следат по тврдите позиции на ВМРО-ДПМНЕ дека нема промена на Уставот под бугарски диктат.