ОД 94-ТА СЕДНИЦА НА ВЛАДАТА : ДОДЕЛЕНА ПАРИЧНА НАГРАДА ОД ПО 10.000 ДЕНАРИ ЗА ВКУПНО 300 ЛИЦА ОД КОИ ДЕЛ ПОЖАРНИКАРИ, А ДЕЛ ОСТАНАТИ ГРАЃАНИ КОИ ПОМОГНАА ВО ГАСНЕЊЕТО НА ШУМСКИТЕ ПОЖАРИ, КОИ ЈА ЗАФАТИЈА ТЕРИТОРИЈАТА НА ДРЖАВАТА

0
273

Владата на Република Северна Македонија на денешната седница, на предлог на Комисијата за човечки ресурси и одржлив развој донесе Одлука за одобрување средства од резервите на Буџетот за 2021 година со која ќе се додели парична награда од по 10.000 денари за вкупно 300 лица од кои дел пожарникари, а дел останати граѓани кои помогнаа во гаснењето на шумските пожари, кои ја зафатија територијата на државата.

Листата на граѓани кои ќе ја добијат наградата ќе биде утврдена во соработка со општините, Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи.

На денешната седница, која се одржа преку видеоконференциска интернет врска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ги информираше своите колеги и колешки од Владата за состојбата со пожари во државата, потенцирајќи дека безбедноста на граѓаните останува приоритет и информирајќи подетално за помошта која ја нудат соседни и пријателски земји за гасење на пожарите во Република Северна Македонија.

Владата донесе заклучоци и тоа:
– го задолжи Генералниот секретаријат, во консултации и соработка со Дирекцијата за заштита и  спасување (ДЗС) и Центарот за управување со кризи (ЦУК) за обезбедување на сместување и храна за лицата кои како странска помош доаѓаат да помогнат со санирање на пожарите.
– да се обезбедат податоци за прифаќање на техничка помош и помош во работна сила за обновување на објектите кои претрпеле штети при пожарите, понудена од Швајцарската Конфедерација.

Министрите на денешната седница ја разгледаа и усвоија Информацијата за финансирање на научно-истражувачки проекти од посебен и јавен интерес за 2021 година (поддршка за развој на лабораториски ресурси).

Со цел инвестирање во науката, Министерството за образование и наука презема дејствија за отпочнување со финансирање на научно-истражувачки проекти од посебен и јавен интерес за 2021 година (поддршка за развој на лабораториски ресурси), за што за 2021 година се обезбедени 17.330.000 денари.

Министерството за образование и наука врз основа на јавен конкурс ќе финансира научно-истражувачки проекти од посебен и јавен интерес за поддршка на развој на лабораториските ресурси на државните универзитети – факултети/научни институти и јавни научни установи – националните научни институти, како самостојни ентитети кои вршат дејност од посебен и јавен интерес за Република Северна Македонија.

На предлог на Министерството за образование и наука на седницата беа разгледани и донесени  уредбите за: методологијата за утврдување на критериуми за распределба на наменски дотации и на блок дотации за основното образование и средното образование, по општини за 2022 година, додека висината на основната сума, стандардот по ученик и праговите се определуваат во зависност од одобрените средства за оваа намена во Буџетот и бројот на запишани ученици во учебната година.

Со  Уредбата за методологијата за утврдување на критериумите за распределба на блок дотации за  јавните установи за деца – детски градинки и центри за ран детски развој во состав на јавни детски градинки по општини за 2022 година, која исто така беше донесена денеска, се пропишува методологијата за утврдување на критериумите за распределба на блок дотациите  за  јавните установи за деца – детски градинки и центри за ран детски развој во состав на јавни детски градинки по општини за 2022 година. Блок дотација за дејноста згрижување и воспитание на деца во општинските јавни установи за деца – детски градинки и центри за ран детски развој во состав на јавни детски градинки, по општина – не може да биде помала од 350.000 месечно, по општина и помала од потребните средства за исплата на плата и надоместоци од плата за вработените во општинските јавни установи за деца – детски градинки  и центри за ран детски развој во состав на јавни детски градинки заклучно со состојбата на вработени од претходната фискална година.

Во рамки на 94-тата седница, Владата на Република Северна Македонија ја разгледа Информацијата за реализација на Акцискиот план за статус на проектите финансирани во рамки на ИПА 2 Годишна програма за 2017 „ЕУ Поддршка за образование, вработување и социјална политика“ на Министерство за образование и наука (МОН), како материјал од информативен карактер.

Согласно информацијата, МОН целосно посветено работи на навремено завршување на започнатите тендерски постапки, соодветно за секоја постапка беа формирани комисии за евалуација, кои квалитетно и посветено работат на тековните, а исто така ќе работат и на постапките кои се очекува да започнат со периодот што следува.

Владата ги донесе и следните кадровски решенија:

–  Стојанче Ангелов, го именува за директор на Центарот за управување со кризи.

– Амир Шабани, го именува за директор на Фондот за осигурување на депозити.

– Дритан Имери, го именува за заменик директор на Државниот испитен центар.

– Ана Петровска ја разреши од должноста в.д. директор на Државниот инспекторат за животна средина, орган во состав на Министерството за животна средина и просторно планирање.

– Сретен Стојковски го именува за в.д. директор на Државниот инспекторат за животна средина, орган во состав на Министерството за животна средина и просторно планирање.

– Костадин Ацевски го разреши од должноста директор на Управата за хидрометеролошки работи на Република Северна Македонија, на негово барање.

– Агим Муртезани го именува за вршител на должност директор на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Северна Македонија.

– Донесена е одлука за членови на бордот на директори на Тутунски комбинат Прилеп Владата да ги предложи: Никола Џамбазовски (независен неизвршен член), Миле Велкоски (независен неизвршен член), Кире Станкоски (извршен член), Татјана Стефаноска (извршен член), Ристе Ташев (извршен член).