Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против телохранителот на Африм Гаши кој им се заканувал на вработените на скопскиот аеродром и на полициски службеници од граничната полиција.
„Пријавениот С.С. на 1 август, околу 10:30 часот на Меѓународен Аеродром Скопје на паркингот пред ВИП салонот пристигнал со возило со поставени ротациони светла, излегол од возилото и од појасот го извадил пиштолот, го репетирал и повторно го вратил во појасот, а на полицискиот службеник од аеродромот кој извршувал работни задачи пред вратата на ВИП салонот му се обратил на висок тон, го турнал наназад со двете раце и заканувајќи му се го спречил полицискиот службеник како службено лице во извршување на неговите службени дејствија“, велат од МВР.
„ОВККИПС согласно своите надлежности и овластувања ќе поднесе Предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност против полицискиот службеник С.С. и ќе изрече задолжителни мерки за отстранување од работното место – суспензија до завршување на дисциплинската постапка, а против полициските службеници С.Р. и Н.Б. ќе поднесе Предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина поради извршување на незаконита наредба, несовесно извршување на работни задачи и рушење на угледот на полицијата“, информираат од МВР.