Од „Канал 77“ бараат новинарските здруженија да реагираат за инцидентот со нивната новинарка

0
524

Националното радио „Канал 77“ упати јавна осуда на однесувањето на приврзаниците на ГДОМ, кои вечера на протестот во Штип не ѝ дозволиле на новинарката на радиото, Вања Мицевска, да известува од настанот.

Тие ги повикаа новинарските здруженија да го осудат инцидентот, кој е уште еден од серијата во кои се попречуваат новинари во вршењето на новинарската работа.

– Учесници на контрапротестот не ѝ дозволиле на нашата новинарка да фотографира и да снима, иако на местото на настанот имало и други медиумски претставници кои непречено си ја вршеле работата. Неколку учесници од првите редови, употребувајќи висок тон, ѝ се обратиле со зборовите: „Што снимаш, оди си на другата страна“, алудирајќи на спротивната страна од реката Отиња, каде пред општинската зграда во тој момент протестирале приврзаниците на „Шарената револуција“ – велат од радиото.

Мицевска им кажала дека е новинар и дека со себе ја носи својата новинарска легитимација, но тие продолжиле со довикувањата, по што таа му се обратила на еден од полицајците. Мицевска повторно истакнала дека ја носи новинарската легитимација, но полицаецот не изреагирал туку само ѝ рекол да си замине.

Новинарката Вања Мицевска редовно известува за протестите на ГДОМ, исто како и за тие на „Протестирам“.

– Каде е слободата на медиумите? Зошто бев спречена да известувам за настан од јавен интерес? Зошто полициската екипа што беше таму не сакаше да го евидентира инцидентот? Зошто на претходните контрапротести не пречеше моето присуство? Зошто, ако сум била сомнителна и за полицајците, не сакаа да ја погледнат мојата легитимација од „Канал 77“ и да ги евидентираат моите податоци – прашува Мицевска, која на организаторите од ГДОМ им порачува дека„Не ќе да е ваква слободната Македонија што ја испишавте на транспарентот“.

За инцидентот денеска кај новинарката Мицевска се интересирала и Мисијата на ОБСЕ, која го надгледува предизборниот период. Се распрашувале за текот на настанот, однесувањето на демонстрантите и на полицијата, како и за тоа дали инцидентот е пријавен во полиција.

Од радиото велат дека редовно ги следат протестите од двете страни, а претставници на ГДОМ, со свои изјави и ставови, биле дел од програмите на „Канал 77“.

Мета