ОДБЕЛЕЖАНИ 21 ГОДИНА ОД МАСАКРОТ КАЈ КАРПАЛАК : ИМИЊАТА ЌЕ БИДАТ ВРЕЖАНИ ВО НАШАТА МЕМОРИЈА

0
135
Фото: Ка.М.

Пратеници од Собранието на Македонија, претставници од кабинетот на Претседателот, од Министерството за одбрана и АРМ, од општина Прилеп, предводени од градоначалникот Борче Јовчески, од семејствата на загинатите и од други здруженија денеска положија цвеќиња на спомен обележјето Карпалак во центарот на Прилеп, при тоа одбележувајќи 21 година од загинувањето на 10 прилепски бранители, од резервниот состав на АРМ.

Фото: Ка.М.

Почит им беше оддадена на Сашо Китаноски, Горан Миноски, Веби Рушидоски, Бранко Секулоски, Љубе Грујоски, Нане Наумоски, Ердован Шабаноски, Марко Деспотоски, Пеце Секулоски и Дарко Велјаноски, кои загинаа на осми август 2001 година во заседа кај Карпалак.

Обраќајќи се пред присутните градоначалникот на Прилеп Борче Јовчески посочи дека тие се нашите херои кои загинаа за слободата на Република Македонија и слободата на македонскиот народ.

-Денес и после 21 година од овој ужасен настан повторно сме овде, пред споменикот Карпалак во Прилеп да им оддадеме почит и да ја споделиме болката за нашите херои со семејствата на загинатите. Нивните имиња вечно ќе останат во нашата меморија. Некои нешта едноставно не можеме да ги вратиме, но мораме да продолжиме да го негуваме нивното херојско дело. Стоејќи пред оваа спомен плоча и споменикот изграден во нивна чест, пред оваа топка која што симболизира вечен живот, докажуваме дека сме сплотени и никој не може да не спречи во нашата намера да ја браниме и безусловно да ја сакаме нашата татковина. Исто така сите сме согласни во тоа дека злото од 2001 година никогаш не смее да се повтори. Затоа што во воените конфликти нема победници и секоја една солза и загубен човечки живот се далеку повредни од било каков извојуван триумф….. Карпалак ќе боли засекогаш, но ќе остане вечен спомен кој ќе потсетува на храбрите македонски синови кои за својата земја го дадоа највредното, – нивниот живот – рече градоначалникот Јовчески.

Дел од преживеаните кај Карпалак велат дека и до ден денес не се откри вистината – зошто загинаа нивните соборци.

Фото: Ка.М.

Сметаат дека биле предадени, но зошто и за кои цели не се знае и по толку години. Посочуваат дека споменот за нивните соборци ќе биде вечен.

Во рамките на чествувањата беа положени цвеќиња на гробовите на загинатите, а во црквата Св. Петка се одржа панихида.