ОБЈАВЕН ПРОТОКОЛОТ СО БУГАРИЈА, ЕВЕ ШТО СОДРЖИ

0
1177

Што содржи протоколот меѓу Скопје и Софија?

Протоколот кој денеска во Софија беше потпишан од министрите за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска, во правна форма претставува записник од состанок, во кој се прави пресек на постигнатите резултати од дијалогот и меѓусекторската соработка во периодот 2019-2022.

Како што истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи, меѓувладината комисија не се состанала од 2019 година, по бугарското вето, во денеска потпишаниот докумнент е содржан периодот од три години, иако вообичаено е овој документ се потпишува еднаш годишно.

Османи денеска пред новинарите ја презентираше содржината на Протоколот, кој освен податоците за политичкиот дијалог, средбите, работата на меѓусекторските групи, ги содржи и точките од пакетот четири плус еден и што се очекува од двете земји во тие области согласно Договорот за добрососедство.

Поддршката за евроинтеграцијата на Северна Македонија е составен дел од Протоколот, рече Османи, а тука се појаснува одржувањето на првата Меѓувладина конференија со ЕУ, која во случајот на земјава е поделена на две фази – политичка конференција, почеток на процес на скрининг, а потоа и втората конференција и отворање на поглавјата, но откако Северна Македонија ќе ги внесе Бугарите во Уставот.

-Согласно францускиот предлог, задутре се одржува меѓувладина конференција, потоа трае скринингот, година и половина, по завршување на скринингот има втора меѓувладина конференција, за неа нема нова одлука на Европскиот совет, туку утре во 18 и 30 се носат одлуки за двете конференции и за првата пред скринингот и за втората по него, со тоа што втората е условена со уставните измени – рече Османи.

Во документот е наведено дека Владата на Северна Македонија се согласува следната меѓувладина конференција за комплетирање на фазата на отворање на преговрите за членство да се одржи откако во сила ќе влезат измените на Уствот за вклучување на оние нејзини граѓани, кои живеат на територијата на државата, а се дел од други народи, како што е бугарскиот народ, согласно внатрешните процедури, вклучително и уставен закон за нивни спроведување.

-Тука имаше шпекулација, како може Владата да презема обврска во име на Собранието. Значи Владата не презема обврдска во име на Собранието, туку Владата се согласува дека втората конференција ќе се случи, откако Собранието ќе донесе одлука за внесување на заедниците – појасни Османи.

Во однос на тоа каде е реципроцитет за правата на македонското малцинство во Бугарија, Османи одговори дека уставното уредување на Бугарија не признава етнички заедници, како што не признаваат ниту уставите на Франција, Грција.

-Кај нас Уставот е поинаков. Претпоставувам тоа било причината во 1999 година во заедничката декларција меѓу тогашните премиери Љубчо Георгиевски и Иван Костов, кој параграф е реафирмиран во член 11, став пет од Договорот за добрососедство и сега РСМ потврдува дека ништо од нејзиниот Устав не може или не треба да преставува мешање во внатрешните работи на Бугарија. Тоа е единствената асиметрична позиција во Договорот – нагласи Османи.