Обиен станот спрат подолу од кобниот стан на застреланиот Коста Крпач!

0
555

Полицијата повторно ја посетила зградата каде во средата е најдено беживотното тело на застреланиот Коста Крпач. Синоќа околу 22.30 часот е пријавено дека стан кат подолу од оној на Крпач бил обиен. Вратата била оштетена и насилно отворена, а внатре во станот каде што немало никој разбојниците превртувале по работите најверојатно барајќи накит и злато. Компјутерите и вредните технички работи останале во станот, објави Телма.

Од полицијата потврдија дека стан на булевар Теодосиј Гологанов е обиен и дека се истражува тешката кражба. Првичните информации кои Телма ги доби од соседи се дека грабежот нема поврзаност со трагедијата на Крпач, иако истрагата уште не соопшти детали и за смртта на сведокот на СЈО, ниту пак ја завршила истрагата за разбојништвото.

Обиениот стан се наоѓа еден спрат подолу од станот на застреланиот Крпач. Тој стан и денеска беше затворен, а на спротивниот паркинг се уште стои комбето во кое завршиле најмалку три куршуми испукани од станот на Крпач. Празнично нема нови информации од специјалното обвинителство кое тврди дека починатиот е сведок во предистражна постапка на СЈО ниту од основното обвинителство кое го истражува случајот.

Одземени 7 компјутери на Крпач?

Во станот на Крпач се направени два претреси (по барање на СЈО со наредба одобрена од суд). Според  информациите до кои дојде Телма во станот се најдени 7 компјутери  кои се одземени за анализа. Од СЈО соопштија дека Крпач бил сведок кој сам се пријавил и дека имаат информации дека Крпач бил под силен притисок. Истрагата на основното јавно обвинителство не соопштува дали ги побарала тие информации од колегите во СЈО.

Дали Крпач  е спомнат во тефтерот на началникот на 5-тата управа за следење на СЈО?

На почетокот на април во акцијата Тврдина при претрес на стан на осомничен началник на 5-тата управа беше најден и тефтер во кој се запишувало движењето на специјалните обвинители, но и многу други податоци. Во тефтерот најден кај началникот на 5-тата управа стоеле податоци за соработници на СЈО, но имало информации и за сведоци со кои обвинителите на СЈО имале контакти, како и податоци кој од нив се согласил да изнесе информации и докази за истрагите. Од специјалното обвинителство нема официјална потврда дали името на Крпач се нашло на страниците на овој тефтер на еден од аболираните началници во УБК.

Иванов исто така потпиша аболиција за Крпач, но СЈО по смртта објави дека не водела предистражна постапка за 40-годишниот уметник и директор на фирмата Финзи  со седиште во Кипар која е сопственик и на агенцијата Нетпрес. Претседателот 5 дена молчи, досега не одговори на прашањето зошто и по чиј совет го ставил сведокот Крпач на листата за аболиција. Пет дена по трагедијата нема ни одговор од надлежните- дали станува збор за самоубиство или за убиство.