ОБЕШТЕТУВАЊЕТО ЌЕ ПОЧНЕ ЗА 20 ДЕНА: НАРОДОТ ДА БИДЕ СПОКОЕН, 70-ТЕ МИЛИОНА ЕВРА ЗА ОБЕШТЕТУВАЊЕ НА ШТЕДАЧИТЕ НА ЕУРОСТАНДАРД БАНКА НЕМА ДА СЕ ЗЕМАТ ОД БУЏЕТОТ, ТУКУ ОД ФОНДОТ ЗА ОБЕШТЕТУВАЊЕ НА ШТЕДАЧИ КОЈ СЕ ПОЛНИ СО УПЛАТИ НА СИТЕ ПОСТОЕЧКИ БАНКИ!

0
1217

Од ФОД ќе бидат обесштетени во износ до 30.000 евра по лице, аќе бидат обесштетени депозитите на 99,4% од физичките лица – депоненти во ‘Еуростандард банка’ АД Скопје. (Фото: К. Попов)

Депозитите на граѓаните во „Еуростандард банка“ се осигурени и ќе бидат обесштетени од Фондот за осигурување на депозити (ФОД), а исплатата ќе почне во рок од 20 дена, откако Народната банка (НБМ) денеска ја укина дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка“ АД Скопје, соопштија НБМ и ФОД.

„Депозитите на граѓаните во ‘Еуростандард банка’ АД Скопје кои согласно со Законот за Фондот за осигурување на депозити се осигурени, ќе бидат обесштетени од Фондот за осигурување на депозити (ФОД), во износ до 30.000 евра по лице. Од ФОД ќе бидат обесштетени депозитите на 99,4% од физичките лица – депоненти во ‘Еуростандард банка’ АД Скопје. Исплатата од страна на ФОД ќе започне во рок од 20 дена, согласно со Законот. Вкупниот износ на депозитите на физички лица кои ќе бидат обесштетени изнесува околу 4,4 милијарди денари (со состојба на 31 јули 2020 година). ФОД располага со доволен обем на средства и исплатата на депозитите ќе се спроведе навремено“, се вели во соопштението.

Во соопштението се вели дека денес,Народната банка, постапувајќи согласно со Законот за банките, ја укина дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка“. Укинувањето на дозволата се должи на неисполнување на минимални законски услови за работење на банка.Поради тоа што се работи за банка на која отпаѓа само 1,3% од активата на банкарскиот систем, укинувањето на дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка“ не влијае на стабилноста на банкарскиот систем, кој и натаму останува стабилен и високо капитализиран.

„Учеството на ‘Еуростандард банка’ АД Скопје во вкупната актива, вкупните депозити и вкупните кредити на банкарскиот систем, со состојба на 30 јуни 2020 година е само 1,3%, 1,7% и 1,6%, соодветно, и со тоа воопшто не ја доведува во прашање стабилноста на банкарскиот систем. Банкарскиот систем е и останува стабилен и добро капитализиран, со висока ликвидност“, велат од НМБ и ФОД.

Според НБМ, во изминатиот период поради поголема изложеност на ризици „Еуростандард банка“ беше под засилен теренски и вонтеренски супервизорски надзор. Народната банка постојано изрекуваше мерки со кои бараше „Еуростандард банка“ да ги отстрани слабостите во своето работење, да ја намали изложеноста на ризици и да ги подобри процесите за управување со ризиците, a особено со кредитниот ризик. Притоа, клучно, беа изрекувани и мерки во насока на зголемување на капиталот на „Еуростандард банка“ АД Скопје. Клучните проблеми на „Еуростандард банка“ се одраз на слабости од минатиот период, а не на тековните состојби.

„Со супервизорско следење, во 2019 година кај ‘Еуростандард банка’ АД Скопје беше утврден недостиг на капитал (поткапитализираност), поради што Народната банка презеде повеќе мерки, a една од клучните мерки беше барање за докапитализација на ‘Еуростандард банка’ АД Скопје. Преземените обврски за докапитализација за 2019 година беа делумно исполнети, но обврските за потребната докапитализација преземени за првата половина од 2020 година не беа исполнети.Неисполнувањето на обврските за докапитализација и брзата и повисока материјализација на кредитниот ризик ја намалија стапката на адекватност на капиталот на ‘Еуростандард банка’ АД Скопје под 2%. Со тоа, согласно со Законот за банките, ‘Еуростандард банка’ АД Скопје е несолвентна“, вели НБМ и најви дека поради ова, утре до надлежниот суд ќе достави предлог за отворање стечајна постапка во „Еуростандард банка“, а дека со отворањето на стечајот се очекува брза и ефикасна наплата на побарувањата на доверителите.

ФОД преку посебно соопштение во медиумите, на својата веб-страница и во јавните гласила ќе ги извести депонентите за датумот на почеток на исплатата на обесштетувањето на осигурените депозити, за банката-исплатувач, односно банките-исплатувачи преку која/кои ќе се врши исплатата на осигурените депозити и за начинот на подигнување на потврдите за сопственост на депозитите.

ЗА ФОНДОТ

Фондот за осигурување на депозити претставува специјализирана државна финансиска институција формирана со цел да обезбеди осигурување на депозитите на граѓаните во банките и штедилниците во Република Северна Македонија и обесштетување на осигурените депозити во банките, филијалите на странските банки и штедилниците, во кои настанал ризичен настан.

Под депозити, согласно законот за Фондот, се подразбираат денарските и девизните депозити, сертификатите за депозити, трансакциските сметки, депозитите врзани за парични картички и девизни приливи на физичките лица.

Во случај на обесштетување од страна на Фондот, поединечните депозити на едно лице во една банка, филијала на странска банка или штедилница се сметаат за единствен депозит.

ИСО 9001:2015

Фондот за осигурување на депозити спроведува политика за квалитет која е заснована на воспоставување и одржување на механизми за континуирано подобрување и контрола на услугите и процесите.

Политика за квалитет

Основна задача

Фондот ги обесштетува осигурените депозити, но не повеќе од денарска противвредност на 30.000 евра по депозит во една банка, филијала на странска банка или штедилница пресметани по средниот курс на Народната банка на Република Северна Македонија на денот на конечноста на решението за одземање на дозвола на банката, филијалата на странска банка или штедилницата во која настанал ризичен настан.

Во Фондот членуваат банки, филијали на странски банки и штедилници основани во Република Северна Македонија. Членството во Фондот е задолжително.

Со осигурувањето на депозитите во банките, филијалите на странските банки и штедилниците Фондот придонесува во одржувањето на стабилноста и довербата на јавноста во банкарскиот и финансискиот систем на земјата. Со денот на пристапување на Република Северна Македонија во Европската унија ќе се осигуруваат и депозитите на правните лица – мали трговци.

Средствата на Фондот се формираат од основачкиот влог, наплата на премии од членките на Фондот  и приходи од пласмани.

Фондот наплатува премија од членките на Фондот по стапка од 0,25% годишно од вкупните депозити на физичките лица во секоја банка, филијала на странска банка и штедилница. Средствата уплатени во Фондот од страна на банките, филијалите на странските банки и штедилниците по основ на премии се неповратни.

Инструментите во кои може да инвестира  Фондот се:

1) хартии од вредност издадени од страна на Република Северна Македонија и од Народната банка на Република Северна Македонија со рок на пристигнување до дванаесет месеци од нивното стекнување од страна на Фондот (во понатамошниот текст: хартии од вредност)  и

2) должнички хартии од вредност издадени од странски држави, централни банки или јавни меѓународни финансиски институции, рангирани од страна на најмалку две меѓународно признати агенции за оценка на кредитниот ризик во една од двете највисоки категории, во висина на осигурените депозити што гласат на странска валута.

Фондот започнува со обесштетувањето на осигурените депозити во рок од 20 дена од денот на конечноста на решението на гувернерот на Народната банка на Република Северна Македонија за укинување на дозволата за основање и работење на банка, филијала на странска банка или штедилница.

Каде се осигурени депозитите?

Депозитите се осигурени во Фондот за осигурување на депозити до износ од 30.000 евра во денарска противвредност.

Банките, филијалите на странски банки и штедилниците во Република Северна Македонија плаќаат премија за осигурување на депозитите на физичките лица во Фондот за осигурување на депозити кој е во државна сопственост и е единствена таква институција во Република Северна Македонија.

Средствата на Фондот се формираат од основачкиот влог, наплата на премии за осигурување на депозитите и приходи од пласмани.

Средствата со кои располага, Фондот може да ги пласира во:

1) хартии од вредност издадени од страна на Република Северна Македонија и од Народната банка на Република Северна Македонија со рок на пристигнување до дванаесет месеци од нивното стекнување, и

2) до висина на осигурените депозити што гласат на странска валута во должнички хартии од вредност издадени од странски држави, централни банки или јавни меѓународни финансиски институции, рангирани од страна на најмалку две меѓународно признати агенции за оценка на кредитниот ризик во една од двете највисоки категории.

Средствата на Фондот можат да се користат само за обесштетување на осигурените депозити и за покривање на трошоци на работење на Фондот.

Доколку на Фондот му недостасуваат средства за исплата на осигурените депозити, Фондот ги обезбедува дополнителните средства преку:

1) дополнителни уплати од банките, филијалите на странските банки и штедилниците, но не повеќе од трикратен износ на премиите;

2) задолжување во земјата и странство;

3) позајмици од Буџетот на Република Северна Македонија.

Дополнителните уплати (1) банките, филијалите на странските банки и штедилниците се должни да ги уплатат на сметката на Фондот најдоцна во рок од осум дена од денот на доставувањето на пресметката.

Доколку на Фондот му недостасуваат ликвидни средства за исплата на осигурените депозити на физичките лица, Министерството за финансии може да изврши откуп пред рокот на достасување на хартиите од вредност издадени од страна на Република Северна Македонија кои се во сопственост на Фондот. Откупот се врши без објавување на јавен повик.