ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЗА ТЕШКАТА СООБРАЧАЈНА НЕСРЕЌА КАЈ ТАБАНОВЦЕ : СРПСКИОТ ПЕАЧ УДРИЛ ВО ЗАГИНАТАТА КОЈА ПО ПРЕТХОДНА СООБРАЌАЈКА ИЗЛЕГЛА НА ПАТОТ

0
434

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово, по извршениот увид на местото на тешката сообраќајна несреќа во близина на ГП „Табановце“ во која едно лице го изгуби животот, констатираше дека според првичните сознанија, судирот помеѓу двата автомобила „Фолксваген поло“ со кумановски таблички и „Фолксваген голф“ со скопски регистарски таблички бил предизвикан кога најверојатно возачот на еден од автомобилите влегол на автопат во недозволена насока. По тој првичен судар, сопатничката – 49-годишна жена од Куманово излега од автомобилот на автопатот, а во тој момент на неа налетал автомобил „Опел Инсигниа“ со српски регистарски таблички. Од силината на ударот жената се здобила со тешки телесни повееди и починала на лице место.

„Издадена е наредба за обдукција на починатата, како и за испитување на примероци од крв и урина на другите учесници кои во моментов се хоспитализирани со полесни повреди. Прибрани се траги и материјални докази кои ќе бидат предмет на вештачење со цел прецизно да се утврдат причините за сообраќајната несреќа“,велат од ОЈО.

Како што беше објавено и претходно, возилото со српски регистарски таблички било управувано од српскиот музичар Ѓорѓе Давид кој помина со полесни телесни повреди. Тој во изјава за српските медиуми кажа дека бил сам во автомобилот, а веднаш по несреќата бил тестиран за да се провери дали има алкохол или недозволени супстанци, по што било констатирано дека тој е чист, а јавниот обвинител кој извршил разговор со него му посочил дека тој нема никаква вина во овој трагичен случај.

„Виновникот наводно е девојката која возела и која наводно била во автомобилот со нејзината мајка која исто така била повредена. Морам да бидам тука. Ме чека уште една изјава, а како што ми рекоа од обвинителството, нема да бидам во притвор бидејќи не сум виновен“,

изјави Давид за српски „Телеграф“.
Од министерството за внатрешни работи денеска соопштија дека во сообраќајната несреќа која се случи доцна синоќа во близина на граничниот премин „Табановце“ учествувале три автомобили, од кои едниот бил со српски национални ознаки во кој возач бил српскиот музичар Ѓорѓе Давид.

Во сообраќајната несреќа кај Табановце во која загина 49-годишна кумановка учествувал и српскиот музичар Ѓорѓе Давид

Во несреќата, животот го загуби 49-годишна жена од Куманово, а три други лица се здобиле со телесни повреди. Двајца од нив биле задржани во Општата болница во Куманово, додека пак едно лице поради сериозноста на повредите било пренесено на скопските клиники.

„Во сообраќајката учествувале патничко возило „фолксваген поло“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Б.Т.(24) од Куманово, патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од В.П.(45) од Куманово и патничко возило „опел инсигниа“ со српски национални ознаки, управувано од Ѓ.Н.(59) од Република Србија. Во несреќата, од здобиените повреди починала Љ.Т.(49) од Куманово, сопатничка во возилото „поло“, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош Куманово“,соопштија од МВР.

Српските медиуми објавија дека Ѓорѓе Давид се враќал од Гевгелија каде имал деловни обврски, а додека возел кон излезот од Македонија, објавил видео на социјалните мрежи во кое се пожалил на лошото време и на снегот кој интензивно паѓаше во текот на вчерашниот ден.