Копретседателот на партијата Продолжуваме со промената и поранешен бугарски премиер, Кирил Петков, во четвртокот го доби статусот на обвинет. Обвинението е подигнато поради апсењето на лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, пред две години. Заедно со него беа приведени неговата шефица за односи со јавноста Севделина Арнаудова и поранешниот министер за финансии, Владислав Горанов. Повод за истрагата бешеа пријава на бизнисменот Васил Бошков дека тројцата изнудувале десетици милиони лева за да му работи непречено бизнисот со коцкање.
Обвинителството тврди дека Петков направил службено кривично дело затоа што како премиер наредил полицијата да отвори предмет и да го сослуша како сведок.
Апсењето на Борисов е извршено под итни услови, единствена можност полицијата да постапува без санкција од обвинител. По 24 часа, лидерот на ГЕРБ беше ослободен, а обвинителството соопшти дека случајот е полн со прекршоци бидејќи го воделе полицајци, а не истражители. На крајот, истрагата беше прекината откако обвинителите открија недоволни докази дека Бошков бил уценет од Борисов, Арнаудова и Горанов.
Обвинителството пред неколку дена соопшти дека бара одземање на пратеничкиот имунитет на Петков. Тој самиот се откажа од имунитетот. Покрај неговиот имунитет, побаран е и тој на неговата блиска соработничка, Лена Бориславова. Во меѓувреме, уапсен е близок соработник на другиопт копретседател на партијата, Асен Василев, а со одлуките на Врховниот управен суд од последните денови, двајца окружни градоначалници во Софија, поддржани од Продолжуваме со промената се сменети од нивните функции.
„Сакам да ве уверам дека сме непоколебливи. Нема да престанеме да се бориме додека Бугарија не стане правна држава. Се додека овие клубови на Пеевски не ќе можат без надзор да прават што сакаат“, рече Петков.
Тој додаде дека Дељан Пеевски „никогаш нема да биде легитимен политичар“ затоа што функционира „санитарниот кордон“ на ПП-ДБ.
Петков го нарече случајот против него „целосно политички процес“ и додаде дека обвинителството извршува наредби.
„Во моментов не треба да барате од обвинителството, туку да го прашате Пеевски. Тој му командува на Сарафов и тоа што го гледаме е дека му ги исполнуваат желбите дословно и во временскиот распоред што им го дава“, рече Петков.