Обвинителството бара 5 години затвор за Заев за поткуп

0
572

Лидерот на опозицијата доби уште едно обвинение од обвинителството за организиран криминал. Скопскиот кривичен суд денеска за Телма потврди дека против Зоран Заев е поднесено обвинение за дело примање поткуп затоа што од струмичанец наводно побарал 200 илјади евра за да заврши процес на приватизација на државно земјиште.

zaev sud

Од скопскиот суд велат дека обвинителниот акт е распореден кај надлежен судија кој треба да даде оценка за него, и дека актот е испратен до странките за да им се овозможи да поднесат приговори. Судот соопшти дека обвинението е поднесено за примање поткуп според член 357 став 5 од кривичниот законик.

5-тиот став од член 357 на КЗ се однесува на дела со кои е прибавена значителна корист за што следува и највисока затворска казна од минимум 5 години затвор. И МВР кога ја објави пријавата и екс министерката за внатрешни работи Јанкуловска соопштија дека немало примопредавање на пари и дека пријавувачот никогаш не му дал поткуп на Заев, но и покрај тоа обвинителството за организиран криминал решило обвинението да биде за најтежок вид на примање поткуп со значителна вредност.

Земјиштето поради кое е отворена истрагата се наоѓа во индустриска зона во Струмица. Бизнисменот кој го пријави Заев е Иван Николов Сачевалиев, но струмичкиот градоначалник веднаш му поднесе кривична пријава и на бизнисменот за лажно пријавување и за нудење поткуп на градоначалник. Сачевалиев тврдел дека Заев му барал 200 илјади евра за да се заврши легализацијата на земјиштето, 100 илјади евра за градоначалникот и 100 илјади евра за изградба на црква во Струмица.

Адвокатот на Заев и самиот лидер на СДСМ цело време тврдеа дека власта преку бизнисменот го мести струмичкиот градоначалник по теркот на случајот Кампања и Љубе Бошковски. Според втората верзија бизнисменот Сачевалиев сакал да донира за црква, но не сакал за тоа да слушнат неговите сопартијци. Ова е второ обвинение за Заев, по она празничното првомајско поднесено за случајот Пуч.

Обвинителството досега не се изјасни за содржината на бомбите на Заев на кои се слушаат наводни финансиски и изборни злоупотреби на актуелната власт.