Обвинение против екс-градоначалник на Демир Капија кој има прекар АПАШОТ: Две години плаќал советничка која не доаѓала на работа

0
1025

Основното јавно обвинителство Велес поднесе Обвинителен акт против поранешен градоначалник на Општина Демир Капија за кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.4 во врска со ставовите 3 и 1 од Кривичниот законик.

„Обвинетиот од 21.02.2015 до 12.10.2017 година, како одговорно лице – градоначалник на општината ја искористил службената положба и прибавил имотна корист за друг во износ од 1.177.476 денари.

Имено, по приемот на лицето-сведок на работното место – советник за правни работи и застапување, дозволил да не доаѓа на работното место, електронски да не го евидентира своето присуство и да не ги извршува своите работни задачи согласно Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за систематизација на работните места во општинската администрација на Општина Демир Капија. Сепак, на вработената редовно и се исплатувала месечна плата, со што на штета на општинскиот буџет и бил исплатен бруто износ од 1.177.476 денари.

Обвинението е поднесено откако во текот на истражната постапка беа прибавени сите податоци кои се однесуваат на регулирањето на работните задачи за работното место на кое била примена вработената, електронската евиденција за присуство на вработените на работно место и листите за исплата на плата, беше извршено економско вештачење, а беа испитани и повеќе сведоци – вработени во Општината“, велат од ОЈО Велес.