НОВИ 150 ПРОФЕСИОНАЛНИ ВОЈНИЦИ ВО РЕДОВИТЕ НА АРМИЈАТА ДОБИЈА ДОГОВОРИ

0
374

Од вкупно 1144 пријавени кандидати, на 150 професионални војници денеска свечено им беа врачени договорите за работа во редовите на Армијата на Република Северна Македонија.

– На Македонија и требаат храбри, подготвени и одлучни девојки и момци кои секогаш ќе бидат таму каде што е најпотребно, бранејќи ги државните интереси и штитејќи ги НАТО сојузниците, истакна министерката за одбрана, Славјанка Петровска, на свеченото обраќање.

Славјанка Петровска

Таа нагласи дека со денешниот настан за прием на новите 150 професионални војници се одбележува и успешно завршената 2023 година на македонската Армија, исполнета со многу успеси на армиските припадници, од учество во вежби, освојување медали, учество во мировни мисии, како и во спасувачки мисии.

– Благодарение на посветеноста, професионалноста, но пред се на љубовта кон татковината и личната пожртвуваност, денеска армијата е модерна, современа армија, во која припадниците не прашуваат зошто и не барата изговори, туку велат веднаш и дејствуваат, истакна министерката.

Свечено врачување на договори на нови 150 професионални војници во редовите на Армијата

Таа нагласи дека голема е честа која денеска им е дадена на војниците, да ја облечат армиската униформа, но уште поголема е обврската која ја добиваат.

– Да се биде војник, офицер или подофицер не е лесно и токму затоа ги бираме најдобрите. Патот кој денеска го почнувате не е воопшто лесен, но е благороден. Подгответе се за предизвици, искушенија, пожртвуваност, но никогаш да не се откажете од вашата единствена цел – да и служите на Република Северна Македонија, им порача Петровска на војниците.

Министерката потенцираше дека нивна задача од денеска е да ги почитуваат наредбите на нивните старешини и доследно и без изговори да ги следат правилата и насоките кои ќе им бидат дадени.

Свечено врачување на договори на нови 150 професионални војници во редовите на Армијата

– На патот кон успехот не барајте скратени патеки и длабоки сенки. Дадете се од себе и ќе бидете најдобри, истакна Петровска и заедно со началникот на генералштабот, заменик министерот за одбрана, државниот секретар и командамтот на Командата за операции им ги врачија договорите на војниците.