Градското мини со благ хибриден погон ќе се произведува од ноември во фабриката Мирафиори во Торино. Новиот модел ќе ја засили марката Фиат на европскиот пазар и во исто време ќе придонесе да се зголеми продукцијата на автомобили во Италија.
Фиат соопшти дека во Мирафиори веќе се произведуваат претсериските модели. Според италијанскиот производител, тоа е „клучен чекор во процесот на индустријализација на моделот.“
Планот е сериското производство за започне кон завршетокот на годината, односно првичниот рок е тоа да започне во ноември, стои во соопштението од Фиат.
Фиат 500е во моментов се произведува само во целосно електрична изведба. Досега се нема случено, модел што е конструиран само за електричен погон, да се приспособи за во него да се вгради мотор со внатрешно согорување. Фиат сепак мораше да се реши на ваков чин, затоа што производството на Фиат 500 со мотор со внатрешно согорување заврши во јуни 2024 година, поради новите норми за сајбер безбедност што ги постави ЕУ. Фиат процени дека ќе биде прескапо 500 со бензински мотор да се приспособува според новите норми на ЕУ.
Со додавањето на изведбата со благ хибриден погон од Фиат 500е во Мирафиори ќе стивне и стравувањето на работничките синдикати за смаленото производство на 500е, а воедно ќе се одговори и на притисокот од италијанската влада, за продукцијата на автомобили во Италија да се врати на ниво од преку 1 милион годишно.
Во минатата година, производството на автомобили во Италија падна на најниско ниво во последните 70 години. Стелантис во декември излезе со план за да се обнови продукцијата во Италија, меѓутоа посочи дека резултатите ќе бидат видливи дури во 2026 година.