НОВА МАЈМУНАРИЈА НА ВМРОВЦИТЕ ЗА ДА ИЗБЕГААТ ОД ПРАВДАТА – Одложено судењето за организаторите на „27 април“: Секој од обвинетите предложил по 300 сведоци

0
212

Поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и бившиот директор на УБК, Владимир Атанасовски, утрово се појавија во Основниот кривичен суд во Скопје каде што седнаа на обвинителна клупа за предметот поврзан со организаторите на настаните во Собранието од 27 април 2017 година.

Владимир Атанасовски

Вељаноски сам пристигна во судот пред другите сопартијци, додека останатите тројца беа спроведени од полицијата бидејќи се наоѓаат во домашен притвор. Сите се обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Во нивната одбрана се ангажирани вкупно шест адвокати.

Трајко Вељаноски

Како застапник на обвинението во судницата, пак, се појави шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска.

Меѓутоа, до давање воведни зборови на обвинителката и одбраната и до произнесување за вина на обвинетите воопшто не дојде, бидејќи одбраната имаше многубројни поднесоци и барања испратени изминатите денови.

Судијата Илија Трпов го одложи судењето за 26 февруари и рече дека сите докази ќе им ги достави на цеде.

Спиро Ристовски

Меѓу барањата најголем дел се однесуваат на доказите, како што е на пример да имаат увид во сите докази од кои дел се поклопуваат со претходниот предмет за 27 април.

Обвинителката Вилма Русковска, пак, во изјава за медиумите оцени дека ова е обид за одолговлекување на постапката. Таа посочи и дека секој од четворицата обвинетите има поднесено и листа од по 300 предложени сведоци.

„Апсолутно сметам дека судот не треба да ги прифати без притоа секако да се наруши правото на одбрана“,

рече Русковска.

Адвокатот од одбраната, Јордан Апостолски, пак, во изјава рече дека сметаат дека нема никакви докази и оти обвинението е на „стаклени нозе“.

Покрај за 26 февруари, судијата закажа уште 4 рочишта во текот на март.

За што се товарат организаторите на крвавиот четврток

Вељаноски, Јанакиески, Ристовски и Атанасовски денеска во судница ќе се појават како обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

Во истрагата за организаторите беа опфатени и експремиерот Никола Груевски и поранешниот разузнавач Никола Бошкоски, но затоа што тие се во бегство, како што соопштија од Обвинителство при поднесувањето на обвинението, постапката за нив ќе продолжи кога тие ќе бидат пронајдени.

Обвинението за случајот беше поднесено уште на 31 мај 2019 година, но оцената на обвинителниот акт постојано се одложуваше бидејќи беа изземени осум од девет судии во Одделението за организиран криминал затоа што по разни основи биле поврзани, односно учествувале во останатите предмети што се водеа пред судот за настаните од „крвавиот четврток“.

Според истрага на обвинителството, осомничените го подготвиле и го реализирале планот за 27 април 2017 година со цел да спречат мирно примопредавање на власта по парламентарните избори во декември 2016 година.

„За таа цел, обвинетите ги организирале и материјално ги поддржале масовните протести, најпрвин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето ‘За заедничка Македонија’, што кулминираа со насилното влегување во Собранието. Обвинетите, како организатори, ги вклучиле севкупната партиска структура и материјалните средства за исполнување на целта, притоа овозможиле и континуирано намалување на бројот на полициски службеници за обезбедување на протестите и на зградата на Собранието“,

тврди обвинителството.

Во седиште на ВМРО-ДПМНЕ двајца од обвинетите, според наодите на обвинителството, континуирано го мобилизирале членството на партијата од Скопје и другите градови во одреден момент да извршат насилен упад во Собранието, знаејќи однапред дека објектот не е соодветно обезбеден и заштитен со полициски сили и дека пречките за влез во Собранието ќе бидат отстранети.

„Во исто време, еден од осомничените, за кого постапката е прекината поради недостапност (Никола Бошкоски), со возило во сопственост на Управата за безбедност и контраразузнавање, во непосредна близина на Градската болница, спроти паркот „Жена борец“ донел огнено оружје и панцирни елеци наменети за лица што протестираат и имаат искуство во ракување со оружје. Во текот на немирите еден од обвинетите, со цел да се прикријат трагите од извршеното кривично дело и да не се откријат регистрираните дејствија од насилниот упад и насилството извршено внатре во Собранието, дал наредба на две веќе обвинети лица од мониторинг-собата во Собранието на Република Македонија да ги извадат хард-дисковите од собраниските камери“,

наведоа од обвинителството кога во мај го поднесоа обвинителниот акт.

Ова е втор поголем судски процес што ќе се води за настаните во Собранието на 27 април 2017 година.

Најобемниот предмет за „крвавиот четврток“ заврши со првостепена пресуда. Во него беа опфатени 33 лица, но 15 од нив добија амнестија со закон што Собранието го донесе во 2018 година. Од останатите единствено Игор Дурловски доби ослободителна пресуда, додека другите добија вкупно 211 години затвор. Највисока казна доби поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков – 18 години затвор.

Покрај овој, се водеа уште неколку други случаи за учество во толпа и за насилство.