Капиталните инфраструктурни проекти што се реализираат во државава, а кои се од клучно значење за поврзување со земјите од Западен Балкан ги истакнал вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во рамки на министерскиот состанок на министрите за транспорт на Европската Унија. Состанокот на министри во Будимпешта е организиран од Унгарија во рамки на нејзиното претседателство со Европската Унија.
– Презентирав што прави македонската Влада во овие два и половина месеци. Прво, во однос на авиолиниите дека имаме нова политика на субвенционирање што очекувам следната година да донесе нови дестинации кон Скопскиот и Охридскиот аеродром, но исто така и над 20 отсто повеќе патници, повеќе туристи во Македонија, а за македонските граѓани повеќе можности да патуваат надвор од државата, истакнал Николоски.
Во однос на железницата, како што се наведува во соопштението, приоритет број еден за државата е изградбата на брзата пруга Скопје-Солун со 200 километри на час, која целосно треба да ја промени економијата и да ја поврзе државата со главните пристаништа, а на север со Централна Европа.
Во однос на изградбата на автопатиштата, Николоски посочил дека до крајот на годината ќе биде завршен експресниот пат Куманово – Крива Паланка, како и експресниот пат Прилеп – Градско.
– Интензивно работиме на Охрид – Кичево и во наредниот период многу ќе се работи на Кичево – Букојчани, на Букојчани – Гостивар, на Гостивар – Тетово, како и на Прилеп – Битола. Ова е една одлична можност да се разменат мислења, но исто така да се поканат потенцијални донори и инвеститори да дојдат во Македонија, да донираат и да инвестираат со цел побрзо да ги изградиме проектите што се пред нас, порачал Николоски во Будимпешта.