НИКОЛОВСКИ : СО НАЈДОБРИТЕ 69 КАНДИДАТИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ ОДИМЕ НА ПОБЕДА

0
267

Прес-конференција, Љупчо Николовски, генерален секретар на СДСМ

Почитувани граѓани, почитувани новинари,

Со последните одлуки на Извршниот одбор, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, заедно со граѓаните, ја заокружи најдобрата кадровска понуда со која излегуваме пред граѓаните на локалните избори на 17 октомври.

Утврдивме нови, дополнителни кандидати за градоначалници во 18 општини со кои одиме на нова победа на СДСМ на локалните избори. Денеска ќе објавамиме 17 од нив, додека кандидатот за градоначалник на Кочани ќе биде објавен во следните денови.

1. Ќе започнам од бастионот на СДСМ, победничко Куманово. Во општината каде актуелниот градоначалник самиот си отиде против себе, против граѓаните и против СДСМ, со што и самиот се исклучи од партијата, одиме на победа со Оливер Илиевски.

Илиевски е дипломиран еконимист, директор на ЈП Водостопанство Куманово, секретар на општинската организација на СДСМ која има исуство во менаџмент во јавни и приватни компании, успешен, чесен и народен човек, близок и почитуван од граѓаните.

Да биде јасно, СДСМ во Куманово има еден кандидат, ја има најдобрата понуда за кумановчани а тоа е: Оливер Илиевски.

Ќе продолжам со уште неколку општини каде СДСМ има предност пред ВМРО-ДПМНЕ со над 15% и одиме на сигурна победа.

2. Во општина Центар, СДСМ оди на победа со Горан Герасимовски. Тој е магистер, менаџер на човечки ресурси, актуелен директор на Државниот завод за индустриска сопствност. Млад, со долгогодишно искуство во приватен и јавен сектор.

Со најдоброто за Центар, СДСМ оди на победа во срцето на главниот град, анкетите покажуваат огромна разлика и поддршка и на СДСМ и на Горан Герасимовски во Центар.

3. Во општина Ѓорче Петров одиме на втор мандат за актуелниот градоначлник Александар Наумовски. Со голем број реализирани проекти и развој на Ѓорче Петров во изминатите 4 години Наумовски е најдобриот избор за граѓаните.

4. Кандидат за градоначалник на СДСМ во Битола е Христо Кондовски, еден од најпознатите бизнисмени во оваа општина, успешен човек, менаџер, кој своите познавања и искуство ги става на располагање на граѓаните на Битола. Човек којшто има широка поддршка и од повеќе политички субјекти и надвор од коалицијата Можеме, анкетите покажуваат сигурна и убедлива победа на Христо Кондовски за Битола и верувам дека менаџерското искуство ќе биде корист за трасирањето на патот каде што Битола понатаму треба да се развива.

Кондовски води на сите можни анкети, во градот и СДСМ има предност пред опонентот ВМРО-ДПМНЕ, што е сигурно една од причините за проблеми во Месниот комитет на опозициската партија и неможноста да состават листа.

5. Соња Стаменкова е нашата кандидатка со која излегуваме пред граѓаните и бараме втор градоначлнички мандат во Македонска Каменица. Успешна градоначлничка, диплимиран психолог, со огромен број на реализирани проекти. По сите анкети има значителна предност пред канидатот на опзицијата, Македонска Каменица како една од најубавите општини во македонскиот исток, овде гаранираме победа.

6. Во Шуто Оризари исто така СДСМ оди на победа, кандидат на СДСМ и на граѓаните на Шуто Оризари, иден градоначлник е Асан Ферат, приватен стопанственик, претседател на општинската организација на Шуто Оризари, овде анкетите покажуваат победа уште во првиот изборен круг.

7. Во Кривогаштани кандидат на СДСМ е Николче Мисовски, дипломиран инженер агроном, успешен стопанственик.

8. Кандидат на СДСМ за градоначлник во Струга, тоа е Димче Шипинкаровски, диплмиран економист. Долгогодишен стопанственик, добро познат во локалната заедница, човек со 30-годишно работно искуство во приватниот сектор, со исклучителни менаџерски способности, моментално раководител на подрачната единица на Фондот за здравство во Струга и еден од најзаслужните за реформата за системот на ФЗОМ, со кој беше овозможено рецептите да им бидат достапни на пациентите во текот на целиот месец, а не само во првите неколку дена, исто така тој е и најзаслужен за воведувањето на електронскиот рецепт и поранешен член на Централниот одбор на СДСМ.

9. Во Гевгелија, кандидат на СДСМ е актуелниот градоначлник Сашко Поцков со којшто бараме уште еден мандат од граѓаните.

10. Во општина Дебрца кандидат на СДСМ и најдоброто е Игор Крцковски. Тој е дипломиран правник, од Мешеишта, директор на ЈП за комунални дејности кој има објавено и специјалистички труд, добар менаџер, одговорен и чесен човек.

11. Во Чучер Сандево одиме на победа со Сашко Комненовиќ, дипломиран криминалист на Факултетот за безбедност кој е фаворит на истражувањата.

12. Актуелниот градоначалник, Живко Силјановски е кандидат на СДСМ за Македонски Брод со којшто одиме на уште една победа за втор мандат.

13. Пред граѓаните на општина Долнени ја бараме довербата за кандидатот на СДСМ за градоначалник: Аднан Џаферовски. Џаферовски е поранешен директор на Агенцијата за заштита и спасување.

14. Кандидат на СДСМ за градоначалник на Врапчиште е Џезми Мамути, Дипломиран професор, актуелен директор на приватна фирма.

15. Во Радовиш СДСМ исто така победува со најдоброто, кандидат со кој излегуваме пред граѓаните е Коле Чаракчиев. Дипломиран електро инженер, актуелен пратеник, со работно искуство во приватен и јавен сектор, анкетите покажуваат предност од 8% на СДСМ во Радовиш, така што носиме победа.

16. Во мојот роден град, Крива Паланка, СДСМ има огромна предност по сите анкети и истражувања и е сигурен победник уште во првиот круг и пред граѓаните СДСМ го нудиме најдоброто. Крива Паланка во изминатите 4 годии се развива, се гради и напредува како никогаш досега и тоа се рефлектира со силна поддршка од граѓаните.

Кандидат за градоначалник на Крива Паланка од СДСМ е Сашко Митовски. Уште еден млад кандидат, докажан и успешен стопанственик, менаџер во приватниот сектор, дипломиран економист.

Напредокот на Крива Паланка ќе продолжи и во наредните 4 години.

17. Во победничка Струмица, СДСМ оди на победа со Костадин Костадинов, актуелен пратеник и портпарол на партијата.

Тој беше в.д. градоначлник одреден период, има визија за разој на Струмица и јасно е дека СДСМ со најдоброто победува уште во првиот круг, со видна разлика пред нашиот опонент кој се уште нема ниту кандидат.

Сите овие кандидати кои денеска ги објавуваме, како и досега објавените, се дел од најдобрата понуда на СДСМ. Кандидати од народот за народот, блиски до граѓаните, одговорни, чесни, посветени, почитувани во своите средини.

Останува да официјализираме уште 1 канидат, тоа е за градот Кочани каде што сме убеделиви победници и водиме значително пред политичиот противник и оваа одлука ќе биде објавена на 8 септември.

Со вкупно утврдени 69 кандидати кои се дел од најдоброто на СДСМ ја бара довербата од граѓаните и оди на уверлива, силна, јасна победа на локалните избори.

Забележувате, најдобара понуда на СДСМ има докажани и успешни досегашни градоначалници, но има и многу нови имиња, правиме освежување и внесуваме нова енергија, дел од актуелните градоначалници секако ќе се најдат на нови позиции и на нови одговорности во централната власт и на други позциии на централно или локално ниво.

Една третина од сите 69 кандидати за градоначалници на СДСМ се нови лица, имаме и млади кандидати.

Како дел од новата политика, СДСМ продолжува да биде прв во промените, да им дава шанси на младите и постојано да се менува, да се подобрува, за подобро да им служи на граѓаните.

Во преостанатите општини ќе поддржиме кандидати на нашите коалициски партнери со кои договоривме заеднички настап и взаемна поддршка. Во Гостивар, во Дебар, Чаир, Сарај, Липково, Пласница, Боговиње на пример СДСМ нема да истакне кандидати но секако советнички листи СДСМ ќе има во сите општини, затоа што сме парија која имаме општински организации во сите општини низ државата.

Особено сум горд, што до изборот на најдобрата понуда дојдовме заедно со граѓаните, членовите и раководството на партијата во една позитивна, демократска, транспарентна атмосфера, со одговорен пристап, со сериозни анализи, дебати и истражувања.

Го имаме најдоброто и СДСМ е победникот на овие локални избори и СДСМ е фаворит.

Затоа што за 4 години СДСМ реализираше над 7.000 проекти на локално ниво.

Наследивме општини заглавени во долгови, ги помогнавме сите општини да ги вратат долговорите и сега имаме општини кои се развиваат, во интерес на своите граѓани.

Директно од буџетот 50 милиони евра насочивме кон општините за да се раздолжат и обезбедивме дополнителни 80 милиони за проекти на локално ниво.

Само преку ТАВ програмата насочивме нови 35 милиони евра за 94 проекти во општините ширум државата.

Дополнително, преку Светска банка, обезбедивме и 70 милиони евра за локални улици, патишта и дополнителни 100 милиони евра од ЕИБ за водоводи, канализации, прочистителни станици.

Досега, никогаш не се инвестирале толку многу средства во општините, на локално ниво, никогаш толку пари не биле насочени, рамномерно кон сите општини со грижа за секој регион, секоја општина и секој граѓанин.

Реализираните проекти покажуваат дека никогаш досега не се граделе општините како во изминатите 4 години.

Тоа го носи најдоброто, тоа е СДСМ и граѓаните тоа многу добро го знаат.

Парите на граѓаните денеска не ги трошиме на барок, на споменици и палми, туку вложуваме во училишта, градинки, патишта, здравствени установи и социјални згради. Сето она што значи унапредување на квалитетот на живот на граѓаните.

За само 4 години изградивме: 60 градинки, 80 училишта, 56 објекти за полицијата и 34 здравствени установи.

Најдоброто затоа што за само 4 години изградивме над 1.040 километри патишта – автопати, магистрални и регионални патишта, во секоја општина, град, село.

Тоа значи најдоброто, работа за граѓаните, со најдобри резултати.

Конечно, кога зборуваме за најдоброто го имаме предвид и фактот дека кај ВМРО-ДПМНЕ нема никаква промена. Режимска, нерефомирана партија која излегува пред граѓаните со понуда „од немај каде“, кандидати кои треба само да го понесат поразот на Мицкоски.

Ете затоа СДСМ ја има најдобрата понуда и тоа граѓаните го препознаваат.

Со потврдената поддршка од граѓаните на сите актуелни анкети, со најдобрата кадровска и програмска понуда СДСМ е фаворит, победник на локалните избори.

Нова победа на СДСМ за да продолжи напредокот на општините, да продолжи локалниот и регионален развој, да продолжат инвестициите, изградбата на патишта, градинки, болници, школи, водоводи, улици, патишта.

СДСМ четири години го дава најдоброто за државата, најдоброто за секоја општина и тоа ќе продолжиме да го правиме и во следните четири години.