Николовски од “Курир” бара јавно извинување за објавени невистини

0
389

Порталот Курир, во текстот со наслов: “Безбедноста позади политиката: Првите луѓе на АНБ на рапорт пред ген-секот на СДСМ”, објави фотографија од актуелниот директор на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски и Јовче Ременски, вработен во агенцијата, каде се тврди дека овие лица присуствувале на партиски настан кој се одржал вчера. Понатаму во текстот се прават споредби и поврзување со времето од комунизмот.

После оваа објава, веднаш демант стигна од генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, кој посочи дека фотографијата и присуството на овие лица не е од вчера како што тврди “Курир” туку станува збор за настан од отворен карактер на тема безбедност кој е одржан пред 5 години.

Повикувајки се на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, Николовски побара итно повлекување на спорниот текст и јавно извинување од “Курир”.

Еве што стои во демантот:

ИТНО ИЗВИНУВАЊЕ ОД КУРИР ЗА ЛАЖНИТЕ ВЕСТИ ИЛИ СЛЕДУВА ТУЖБА

Објавениот текст на Курур со конструиран и тенденциозен наслов „ Безбедноста позади политиката: Првите луѓе на АНБ на рапорт пред ген-секот на СДСМ“ е полн со невистини, лажни вести и конструкции.

Не е точно дека на партиски состанок организиран од мене, Љупчо Николовски, како генерален секретар на СДСМ учествувале, ниту пак дека седеле во први редови, споменатите Виктор Димовски, директор на Агенцијата за национална безбедност, и Јовче Ременски, вработен во агенцијата.

Димовски и Ременски не учествувале на каква било партиска средба.

Објавената фотографија е дополнителна манипулација, затоа што не се од настан кој се случил вчера, како што лажно се тврди во текстот, туку од јавен настан што се одржал пред 5 години, посветен на теми од безбедноста.

Објавената фотографија не е направена вчера, туку пред 5 години, кога се подготвуваше програмата на СДСМ „Визијата за Македонија“ и станува збор за настан од отворен карактер на тема безбедност. Јасно е дека сите објавени невистини и лажни вести се тенденциозни и со намера да ми наштетат на личниот углед.

Бидејќи објавените невистини и лажни вести ми нанесуваат штета на угледот и барам итно повлекување на спорниот текст и јавно извинување, врз основа на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, како и објавување на овој мој демант во целост.

Доколку тоа не биде сторено според предвидениот законски рок, ќе следува Постапка за утврдување на одговорност и надоместување на штетата пред надлежниот суд, согласно Член 19, став 1 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета.