НЕ СУМ РЕКОЛ ДЕКА ЛИЧНО ЌЕ ГИ ТРУЈАМ КУЧИЊАТА – МЕРКО ГИ ДЕМАНТИРАШЕ НАВОДИТЕ, ЗДРУЖЕНИЈАТА УТРЕ ЌЕ ИЗЛЕЗАТ ПРЕД ВЛАДА

0
372

Мерко за „Фокус“ објасни како „една кучка годишно може два пати да добие подмладок, тоа се најмалку десет, ако не и повеќе кучиња плус“ и дека граѓаните во Струга постојано доаѓаат со поплаки за каснување, а дека некои добивале и по неколку илјади евра отштета.

Проблемот со кучињата натера десетици здруженија за животни да најават голем протест утре пред Владата на Македонија, а во меѓувреме струшкиот градоначалник Мерко е во жижата на вниманието. Тој за „Фокус“ демантираше дека на средба со здружението „Анимал Војсис“ рекол дека „лично ќе излезе на улица и ќе ги убива кучињата“, односно дека „до сега ќе ги иструел ама не можел да најде отров“.

– Јас дома не чувам кучиња. Што ќе ми се кучиња, кога имам шест внучиња? Тие кои решиле да ги чуваат, треба тоа да го прават одговорно, а пак државата да поработи на измена на законите од оваа област. Вака, како што досега функционираат работите на темата со улични кучиња, гледаме дека се вртиме во круг, а проблемите се повторуваат – додава струшкиот градоначалник велејќи дека лично го осудува настанот со пукањето во Струга.

Мерко објасни како „една кучка годишно може два пати да добие подмладок, тоа се најмалку десет, ако не и повеќе кучиња плус“ и дека граѓаните во Струга постојано доаѓаат со поплаки за каснување, а дека некои добивале и по неколку илјади евра отштета. Тој бара од државата да го реши проблемот за кој биле предвидени десети илјади евра во општината, откривајќи дека лани имало тендер за заловување на кучиња во Струга на кој никој не се јавил.

Меѓу барањата на утрешниот протест кој ќе биде одржан во Скопје здруженијата велат дека „одбиваат да бидат сведоци на примитивизам во 21 век“ се и обезбедување 250 бесплатни кастрации или стерилизации месечно, микрочипирање, зголемување на бројот на инспектори во АХВ, зголемување на казните, забрана за оплодување на домашните миленици, освен за легално регистрираните одгледувачници, формирање посебна полиција за животни и изградба на азил за кучиња во секоја општина.