Интерпелацијата за работата на собранискио спикер Африм Гаши не беше прифатена во Собранието, откако 72 пратеници гласаа против, додека 21 пратеник гласаше „за“, по жестока дебата меѓу пратениците на седницата на 3 септември.
Интерпелацијата за Гаши беше поднесена од пратеничката група на Левица. Поддршка за интерпелацијата даде опозициската СДСМ, додека против беа ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери „Вреди“ и Движењето ЗНАМ. На гласањето пратениците на ДУИ не присуствуваа во салата, кои претходно рекоа дека нема ја поддржат интерпелацијата и покрај што имале забелешка за работата на Гаши.
Во образложението за интерпелацијата од Левица беше наведено дека собранискиот спикер работел нестручно, неуставно, неделовнички и дека ја повредил секуларноста на државата, бидејќи дозволил извршување на верски обреди на една од седниците на комисиите.
Наведен е и случајот со косовската претседателка Вјоса Османи на скопскиот аеродром на 1 Август , а според Левица, собранискиот спикер направил и повреда на употребата на македонскиот јазик затоа што заклетвата што ја дал ,како веќе избран претседател, прво ја кажал на албански, а не на македонски јазик.
Во образложението на седумте точки од интерпелацијата, Димитар Апасиев од Левица рече дека Гаши со молитвата во Собранието, со настанот со косовската претседателка Османи на аеродромот, како и другите точки, направил грубо кршење на Уставот и Деловникот.
„Вие за прв пат без преседан Собранието го направивте центар на антисекуларни активности. Религиозен култ се врши исклучиво во верски објект а такво Собранието не е. За разлика од Талат Џафери кој беше мајстор за скандали вие го надминавте, практично за 100 дена направивте рафал од скандали и станавте можеби велемајстор“, рече Апасиев.