НЕ ОТПУШТИВ ХОНОРАРЦИ ОД МКЦ, ТУКУ НЕ ИМ ГИ ПРОДОЛЖИВ ДОГОВОРИТЕ ПО ПРЕПОРАКА НА АНТИКОРУПЦИСКАТА КОМИСИЈА, ВЕЛИ БЕНИ ШАЌИРИ

0
337

Лани во јануари на протестот против политизирањето на МКЦ настапија десетина групи и пејачи. (Фото: К. Попов)

Не се работи за отпуштање на хонорарно вработени лица, туку неможност за продолжување на договор за хонорарно вработување до крајот на изборниот процес, вели директорот на Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, Бени Шаќири за САКАМДАКАЖАМ.МК. Извори на САКАМДАКАЖАМ.МК попладнево кажаа дека денеска се избркани 30 хонорарци од МКЦ во Скопје, а тоа значи дека во МКЦ повеќе нема да се ангажираат лица за предавања во Планетариумот, лица за реализација на програмските активности (технички лица и орагнизатори на настани), кафулето е целосно затворено, затворена е и продавницата „Апотека“, додека киното Милениум ќе работи со преполовена дејност.

„Договорите на хонорарните вработувања, според правилникот на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) во врска со изборите, се прекинуваат до моментот на завршување на изборниот процес. МКЦ како и сите други институции е должна да ги почитува насоките на институциите надлежни за спроведување на изборниот процес“, ни изјави Шаќири, но не кажува каква е процедурата за ангажирање после изборите.

Според нашите извори, одлуката е базирана врз писмо со препорака доставено до МКЦ од ДКСК, во која се вели дека во тек на изборниот процес не смее да се склучуваат договори со кои би се злоупотребиле буџетски средства, но, во суштина, доворите кои се прекинати воопшто не се поврзани со користењето на буџетските средства, туку се однесуваат на соработници кои генерираат приход и истите соработници се исплаќаат од генерираниот сопствен приход.

„Одлуката која ја донел директорот е еднострана и неоснована, уште повеќе штетна за институцијата која ако не работи во наредните неколку месеци, ќе се нанесе непоправлива штета на долг рок. МКЦ досега се соочил со мноштво изборни процеси во кои биле ангажирани лица согласно законските насоки. Дополнително, институцијата во 2023 е доведена во незавидна финансиска положба и без програмата која носи приход, е невозможно да се намалат милионските долгови продуцирани во толку краток период“, велат нашите извори.

Шаќири дојде на местото на Никола Алексов, дипломиран детектив, кој беше поставен на функцијата лани во јануари откако Арсовска го разреши Ванчо Богоев. Тогаш од Програмскиот совет на МКЦ рекоа дека Богоев, кој 36 години е дел од институцијата, е сменет бидејќи не сакал да го вработи пејачот Бени Шаќири, кој на последните локални избори беше кандидат за градоначалник на Скопје на ДОМ и ЛДП. Од МКЦ рекоа дека тогашниот генерален секретар на Градот Зоран Глигоров вршел екстремни притисоци да се потпише вработување на Шаќири.

Првиот конкурс за избор на директорската позиција распишан кон крајот на септември лани немаше никаква разврска, ниту беше поништен од Градот Скопје, а потоа во ноември се распиша повторен конкурс за истата функција по што беше назначен Шаќири.

Извор : СДК.МК