„НЕ Е ТОЧНО ДЕКА СО ДУИ ПОДГОТВУВАМЕ СЦЕНАРИО ЗА БОЈКОТ НА ВТОРИОТ КРУГ НА ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ ИЗБОРИ“, КАЖА КОВАЧЕВСКИ

0
120
Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски кажа дека не е точно дека подготвуваат со ДУИ сценарио за бојкот на вториот круг на претседателските избори на 8 мај.

„Тоа не е точно, јас вчера имав многу јасна порака на митинзите во Сарај и Чучер Сандево. Ги повикувам сите гласачи масовно да излезат на 8 мај и да ги поддржат претседателскиот кандидат Стево Пендаровски и коалицијата За европска иднина на парламентарните избори. Да избереме и претседател и парламентарен состав, Македонија да продолжи на својот пат на европските инетеграции“, рече Ковачевски.

Тој кажа дека никој не ги има гласачите под своја контрола за да ги наведува како да гласаат.„Ја примивме пораката во првиот круг за сите грешки кои ги направивме минатите седум години. Очекуваме да ја добиеме поддршката во вториот круг. Нормално е дека нашето членство го повикавме на изборите. Свесни сме дека граѓаните испратија јасна порака до СДСМ, дека граѓаните укажаа на грешките.

Работевме во услови на голема пандемија, енергетска и економска криза предизвикани од војната во Украина. Свесен сум за нивото на инфлација и цените. Се обидовме да ги зголемиме и платите и пензиите секој да се справи на најдобар начин со оваа криза. Знам дека тоа не беше доволно, знам дека треба повеќе. Во новата програма имаме и зголемување на платите и на пензиите и секако многу јасни мерки во однос на владеење на правото и борбата против корупцијата“, кажа Ковачевски.

Тој очекува во вториот круг поддршка од сите граѓани во Македонија.Ковачевски кажа дека Пендаровски е граѓански кандидат и ја бара поддршката од граѓаните, а не од претседателските кандидат коишто не се пласирале во вториот круг.„Имаме разговори со политичките партии на различни нивоа и ги повикувам сите да имаме масовна излезност на 8 мај. Да избереме претседател на државата со кој ќе имаме европска иднина и парламент што ќе носи храбри одлуки за државата за да го дадеме на граѓаните она што го заслужуваат“, рече лидерот на СДСМ.