Во Собранието во тек е процедурата за измени на Законот за плата и други надоместоци на избрани и на именувани лица, со кои ќе се намалат коефициентите со кои се множи основицата за пресмета на платите.
Со ова намалување на коефициентите, платата на функционерите нема да се зголеми од јануари 2025 година, кога се усогласува со просечната плата од претходната година. Предлагачи на законските измени се пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, Дафина Стојаноска, Ели Панова, а решението е во фаза на второ читање.
Со измените највисокиот коефициент 3,92, со кој се пресметува платата на највисоките функционери – претседателот, премиерот и спикерот, ќе се намали на 3,17. Коефициентот 3,48 ќе се намали на 3,08, а коефициентот 3,22 ќе се намали на 2,85. Понатаму, коефициентот 2,96 се заменува со 2,62 , коефициентот за најниските функционери 2,79, ќе се намали на 2,47.
„Коефициентите за утврдување на платите на градоначалниците на општините и за градоначалникот на Град Скопје изнесува од 2,08 до 2.85. Овие коефициенти се определуваат според бројот на жителите и тоа за градоначалник на општина до 10.000 жители, коефициент изнесува 2,08, за општина од 10.001 до 25.000 жители коефициент изнесува 2,23, а за градоначалник на општина од 25.001 до 50.000 жители, коефициентот е 2,47. За градоначалник на општина со над 50.000 жители коефициентот е 2,62“, се вели во законското решение.
Платата на функционерите се пресметува така што просечната годишна плата од претходната година се множи со коефициент кој варира според сложеноста на работното место.